„Седницата за дојавите за бомби беше свикана на барање на нас, опозициските пратеници бидејќи веќе неколку месеци чекаме нашите безбедносни сектори да се справат со ваквите предизвици. Веќе неколку месеци ништо не се случува и откако почна веќе во јавноста да се шпекулира со разно разни информации кој е дојавувачот на бомби, откако паниката стануваше се поголема во јавност бидејќи сепак се малтретираат малолетни лица, деца од училишта и поголема е сензитивноста кај родителите по една ваква работа, ние побаравме седница на која што ќе расправаме“, истакна Бране Петрушевски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „Топ тема“ на Телма телевизија.
Петрушевски додаде дека граѓаните секојдневно се сѐ повеќе вознемирени од овие дојави на бомби.
„Што баравме ние на таа седница? Ние баравме да видиме прво МВР да реагира проактивно, дали имаме доволно тимови. Еве на пример денеска имавме во 20 училишта кои примиле дојава за бомба од кои 12 се во Скопје, а 8 во Куманово. Многу поголема паника се создава кога се чека да дојде полиција, тимовите да испитаат. Затоа прашуваме дали има доволно тимови? Дали на министерот за внатрешни работи му треба помош од Собранието, затоа што Законите се стриктни околу вработувањата и експертите. Значи да видиме дали на министерот му е потребна системска помош“, укажа тој.
Тој посочи дека може да се побара и помош од странство, затоа пратениците на седницата сакаат да го прашаат министерот дали има побарано помош од странство околу дојавите за бомбите кои што траат веќе неколку месеци.
„Ние сакаме да помогнеме во делот МВР и сите институции да ги зголемат капацитетите за да можат поефикасно да интервенираат против вакви предизвици“, нагласи Петрушевски.
Пратеникот укажа дека барале пратениците седницата да се одвива во два дела. Во првиот дел да се расправа за дојавите на бомбите, но и да се расправа за партизацијата во МВР која што никако да престане. Не може да се очекува луѓе од партија вработени во МВР да откриваат дали дојавите на бомби се лажни или не.