Во утринската дебатна емисија “Утрински брифинг” гостуваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски кој зборуваше за моменталната политичка ситуација во државата, како и за работата на Собранието и блокирањето на одредени закони кои не кореспондираат со ставовите на ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата.
Петрушевски потенцира дека работата во Собранието не е блокирана, но дека одредени закони се блокираат од страна на ВМРО-ДПМНЕ и албанската опозиција поради тоа што затајува дијалогот помеѓу власта и опозицијата, односно поради незаинтересираноста на власта за соработка со опозицијата по одредени прашања. Тоа придонесува за недоволна комуникација и координација при донесувањето на законите и токму поради тоа одредени закони се остави на страна, се додека не се анализираат и надградат, вели Петрушевски.
Петрушевски додава дека власта не е толку стабилна за да се обидува самата да донесува одлуки по однос на многу прашања и закони, бидејќи нема стабилно мнозинство и граѓаните имаат прилика да видат дека на собраниските седници многу пати се случува да нема доволен број присутни пратеници од редовите на власта, со што се избегнуваат одредени точки на дневен ред. Пратениците од власта мора да имаат далеку подобра комуникација со опозицијата и да соработуваат во однос на законите, бидејќи тие се од круцијална важност за граѓаните, вели Петрушевски.
– Да бидеме реални, ВМРО-ДПМНЕ е најзастапената политичка партија во Собранието поради тоа што има 44 пратеници во Собранието. Тоа значи дека власта е обврзана да комуницира со опозицијата и да изнаоѓа решенија имајќи ги во предвид забелешките на опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ не избегнува дијалог, напротив сака да соработува со власта по однос на прашања кои ги засегаат граѓаните, бидејќи граѓаните очекуваат решенија во нивна полза од страна на Собранието. Ние како партија сме и ќе бидеме транспарентни во однос на работата на Собранието и граѓаните секојдневно ќе имаат шанса да знаат кој и што работи во Собранието на Република Македонија, додава Петрушевски.
ВМРО-ДПМНЕ не ги поднесува амандманите за да иницира блокирање на работата на Собранието, туку власта да ги разгледа и разумно да ги прифати, поради тоа што амандманите се состојат од барања на граѓаните и проблеми со кои тие се соочуваат. Главна задача на секој еден пратеник е да ги застапува граѓаните и да се бори за нивните права, проблеми и потреби. Токму затоа власта не треба да биде индиферентна во однос на барањата на пратениците од опозицијата, бидејќи така директно наштетуваат на граѓаните на Република Македонија, заврши Петрушевски.