петок, 19. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Писмо на инспекторот Илиевски до Томе Спироски, директор на Државниот просветен инспекторат

Писмо на инспекторот Илиевски до Томе Спироски, директор на Државниот просветен инспекторат

На 4 јули 2019 година на домашна адреса ми пристигнаа „заканувачки“ писмени дописи поднесени од директорот на Државниот просветен инспекторат, Томе Спироски, и од раководителот на секторот, Африм Саљиу. Дописот е опомена пред тужба за навреди и клевети, како што се наведува (содржината е иста) „искажани невистини изнесени во јавноста на 7 и на 11 јуни 2019 година на Факултети.мк, ТВ 21, Инфомакс.мк, Алфа ТВ, Нова Македонија, ТВ Телма, Инфомакс.мк и други медиуми, кои бараат преку истите портали во рок од 48 часа од моментот на добивањето на предметната опомена да се произнесам со ставови кои ќе значат демантирање на претходно напишаното и изреченото и јавно да се извинам…“ стои во писмото на инспекторот Илиевски до Томе Спироски, директор на Државниот просветен инспекторат кое го објави Факултети.

Само да ве потсетам вас, поднесувачите на заканите на „Опомена“, на мал историјат.

На ден 9 мај 2019, вие, директоре, свикавте состанок за наредниот ден со Одделението за високо образование во 9 часот, во вашата канцеларија. Беа повикани сите инспектори од високо образование и јас како раководител на тоа одделение.

На тој состанок, кој беше организиран и подготвен од вас и раководителот на секторот Африм Саљиу, целосно се разговараше за извршениот инспекциски надзор на Универзитетот во Тетово-Правен факултет, а по однос на унапредувањата во наставно-научните звања, особено за моите констатации од надзорот на јавните државни владини функционери. Вербално грубо ме нападнавте, во присуство на колегите, да се повлечат записниците и да не се праќаат решенија, оти ќе сум имал последици. Ако не ги повлечам записниците и не смеам да пуштам решенија, ќе ми се одземаат предметите, може да има дисциплинска и слично. На тоа се надоврза и раководителот на секторот, Африм Саљиу, кој целосно ве поддржа, почна да ни чита членови од Законот за високо образование на нас, инспекторите, небаре ние не го знаеме Законот.

На вака организираниот состанок од вас двајца, јас како раководител во одделението за инспекциски надзор за високо образование, зедов збор и истакнав дека јас со долгогодишно работно искуство, а од јануари 2020 година одам во пензија, сакам професионално и законито да работам, и законитоста да дојде до израз, а не политиката која сакате да ја спроведувате. Ви кажав дека јас сум самостоен инспектор, стојам зад тие констатирани незаконитости, се потпишувам и одговарам. На тоа, вие, директоре, ми упативте закани дека ќе имам последици и дека може да ми ги одземете предметите (по втор пат кажавте) и дека ќе се поведе постапка против мене. На тоа ви одговорив дека може да правите што сакате, но јас сакам професионално да си ја завршам работната кариера, а за ваквите закани ќе бидат информирани домашните и странски институции, Државната комисија за спречување на корупција, како и средствата за јавно информирање. Како што и направив и пак ќе го правам со факти и аргументи кои ги имам и пред средствата за јавно информирање, нели сме правна држава. Воедно ви истакнав на состанокот (пред другите колеги) дека од страна на Универзитетот по добиените записници немам нивно произнесување. Да биде изненадувањето поголемо на самата седница, вие, директоре, во координација со раководителот на секторот (кој беше премногу загрижен бидејќи има посебен конфликт на интереси на Правниот факултет при Универзитетот во Тетово, оти таму како асистент работи неговата ќерка), на состанокот ми го покажавте произнесувањето на Универзитетот во Тетово по записниците, заведени од архивата на Државниот просветен инспекторат на 8 мај 2019 година, како и некои договори за интелектуални услуги. Произнесувањето и договорите за интелектуални услуги лично ги добил раководителот на сектор Африм Саљиу, без никаква достава до поднесувачот на записниците, а од вас, се сеќавате (сигурно), на самата седница го примив произнесувањето и добиените договори за интелектуални услуги (напишав дека е примено на 10 мај 2019 година) кои ги вршеле јавните функционери.

Да биде изненадувањето уште поголемо, на самата седница од вас ги добив пликата со поштенски картончиња каде што на 8 мај 2019 година ги испратив решенијата за УТ кои ги доставив преку архивата на Државниот просветен инспекторат. Каков е овој однос, зошто прикривање кога има незаконитости. Зошто заканување? Кои се интересите? Кој треба да биде навреден, јас или вие? Јасна е играта – нападот е најдобра одбрана. За целокупната состојба цела документација е доставена до Државната комисија за корупција и до кабинетот на премиерот Заев.

Најнови вести