Кристијан има 16 години. Прекрасно момче со добри манири и искрена насмевка. Желен е секој ден да биде поуспешен во своите обврски.
Има прекрасни очи низ кои се гледа неговата радост, но и неговата тага. За рака го држи својот херој – неговата мајка Весна. Таа му е единствениот сопатник во тешкиот пат кој заедно го минуваат секој ден, секој час, многу долги години.
Кристијан е дете со посебни потреби. Уште од кога бил мал ја покажувал својата хиперактивност, но неговото однесување сите го дефинирале како “карактер“, а не како “заболување“. Хиперактивното дете на 12-годишна возраст добива дијагноза на детска педијатрија – невидливата попреченост ADHD.
Нарушувањето на вниманието со хиперактивност, познато и како ADHD (од англ. Attention Deficit Hyperactivity Disorder), е едно од најголемите невроразвојни нарушувања во детската и адолесцентната возраст. Ова нарушување вклучува зголемена моторичка активност кај детето, која е следена со неадекватно развиено и лесно отстранување на вниманието со нагли, непредвидливи и импулсивни реакции.
Мајката на Кристијан во сведоштво за КУРИР ја раскажа својата животна приказна, преку приказната на нејзиниот син.
КУРИР минатата недела излезе со објавата „Кристијан е дете со посебни потреби, а неговата мајка е херој: Била жртва на насилство, а секој ден води нова битка за своето дете“.
Со Весна се запознавме спонтано, се соочивме со нејзината борба против неправдите. Донесовме одлука да помогнеме колку што е во наша можност. Првата заедничка цел ни беше да се слушне нејзината приказна, да допре крикот на неутешната мајка до институциите. Нејзиниот син да има безгрижни денови, мајката да добие конечно спокој по голготата која ја живее цел живот.
И УСПЕАВМЕ!!!
Само два дена по објавувањето на сторијата на КУРИР, Весна го добила повикот кој со години го очекувала. Повик од институциите. Идентитетот на лицето кое ја контактирало е познат во нашата редакција, но истиот нема да го објавиме. Станува збор за жена вработена во македонската Влада. Таа и тимот со кој работи ја прочитала животната приказна на Весна и одлучија да го разгледаат случајот. По констатирање дека сите наведени аргументи се факти – конечно одлучиле дека на ова семејство мора да му помогнат.
Весна, возбудена и низ солзи, веднаш ја сподели убавата вест со нас. Добива социјален стан. Веќе нема да плаќа високи кирии и да живее во неисвесност секој месец.
Била повикана на разговор во Влада и била информирана какви документи треба да подготви. Веднаш го направи тоа, поднесе се што е потребно и вчера доби официјална одлука дека наскоро влегува во социјален стан. Оваа одлука е донесена по повеќе основи, за кои КУРИР алармираше во текстот.
Потсетуваме, таа е дете растено во Дом за деца без родители и родителска грижа и нејзина најголема мисија е да му пружи љубов и заштита на синот. Тешките моменти ги лекува со молитва и верба во Бог.
-КУРИР, Ви благодарам. Ми дадовте сила да ја раскажам мојата приказна и конечно мојата најголема желба се исполни. Ви благодарам вас, му благодарам на Господ Исус Христос што сите овие години ми дава водство и што во ниту еден ден на тага не ме оставил сама. Благодарна сум на пасторите од Евангелска црква Скопје што цела оваа година беа во молитва за моето животно прашање да добијам стан како дете без родители. Меѓу другото, благодарност до сите граѓански институции кои помагаа кога бев на улица. Сакам да издвојам посебен момент кога заврши шелтерот, јас со децата останав на улица, кога Детското село и по завршување на работно време останаа со нас, Валентина и Јуле, истакнува мајката Весна.
Како што веќе објавивме, таа била жртва на семејно насилство. Кога го напуштила домот, со две деца од кои едното е со посебни потреби, почнал нејзин нов пекол.
-Останав на улица, барав стан за под кирија, но беше многу тешко. Ми помагаа од Детско село, ми го чуваа грбот. Потоа најдов стан кој ми беше скап за плаќање. Имавме разни проблеми – скапи лекови, кирија, сметки, далечинска настава, вели Весна.
За тоа каков човек е мајка му на Кристијан доволно говори и фактот што таа работи во Црвениот крст. Ја избрала оваа професија за да им помага на луѓето од ранливите категории, знаејќи колку е тешко да нема кој да ти помогне. Вели дека тимот од Црвен крст се нејзиното второ семејство.
Знаевме дека мора да бидеме нејзин сојузник во битката. И од неа, заедно излеговме како победници. Весна не штедеше зборови да ја искаже благодарноста, а ние ја споделивме среќата со неа.
-Во целата моја несреќа, во мојот живот се појави новинарка на КУРИР. Таа ме охрабри да прозборам за проблемите, ми даде надеж да го бараме тоа што ми следува. Јас мислев дека не е можно да добијам и стан, барав само лекарства за синот, помош од државата и поголема вклученост од таткото. Ја објавивте мојата приказна, зборувавте во мое име и јас го добив тоа што ми беше најпотребно. Добив позитивен одговор, истакна Весна.
Според тоа што го има како информација, за еден месец би требало таа и нејзините деца да влезат во својот стан. КУРИР останува да биде поддршка за Весна и Кристијан, но и за сите останати мајки и деца со посебни потреби кои се борат против неправдите и секојдневно живеат со предизвици.
Ивана Ефремовски