Туристите од Велес кои беа прифатени во специјалниот авион на албанската влада за евакуација од Тел Авив до Тирана, со организиран превоз од македонската амбасада се веќе пристигнати дома, информираа од МНР за „А1он“.
Тие синоќа пристигнаа со првиот авион со албански, македонски и косовски државјани кои барале да го напуштат Израел по прогласувањето на воена состојба.
– Авионот „Ер Албанија“ со 40 патници, меѓу кои и државјани од земјите од регионот како Косово, Северна Македонија, потпомогнат од Министерството за Европа и надворешни работи, Министерството за инфраструктура и енергетика и албанската амбасада во Израел слета на меѓународниот аеродром „Мајка Тереза“ – информираа од министерството за Европа и надворешни работи на Албанија.
По вооружените напади од страна на Хамас на територијата на Израел кои почнаа во саботата наутро, особено во близина на Појасот Газа и пограничните делови со Либан, бројни македонски граѓани се пријавија на телефоните во македонската амбасада во Тел Авив и и побараа асистенција за нивна евакуација.
Седум наши државјани, туристи кои беа затечени во Витлеем, успешно ја поминаа границата со Јордан, каде беа прифатени од нашата почесна конзулка; сега се на безбедно и во наредните денови се очекува нивно упатување кон дома. На пат кон дома е четиричленото семејство затекнато во Тел Авив кое преку комерцијален лет се упати кон Истанбул, а оттаму кон Скопје.
Асистенција при напуштање на Израел побарале и 11 градежни работници кои се затечени во Рамала (Западен Брег), а за кои МНР ќе извести во текот на денешниот ден.
Според проценките на кризниот штаб во МНР, на територијата на Израел и загрозените подрачја се проценува дека престојуваат меѓу 100 и 200 наши државјани, кои се очекува да се пријават, или да бидат пријавени од нивните блиски во контакт центрите на МНР.
„Министерството за надворешни работи, преку Кризниот штаб и дипломатско-конзуларната мрежа, воспостави директна комуникација и координација со земјите од регионот на Блискиот исток и Југоисточна Европа, со цел искористување на сите расположливи летови и враќање на нашите државјани, за што е пратена и итна инструкција до дипломатско-конзуларната мрежа на Република Северна Македонија, во двата региона. За повеќе информации, на располагање се СОС дежурните телефони на Министерството за надворешни работи 075/ 273- 732 и 075/268-736, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378“, соопштија од МНР.