сабота, 18. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ПО ВЧЕРАШНОТО НЕВРЕМЕ: Над 60 објекти поплавени во Виница и 30 во Лажани, евакуација на жители од неколку места

ПО ВЧЕРАШНОТО НЕВРЕМЕ: Над 60 објекти поплавени во Виница и 30 во Лажани, евакуација на жители од неколку места

Се работи на отстранување на штетите од синоќешните обилни врнежи од дожд што ги зафатија општините Виница, Долнени и Тетово. Во Виница се поплавени над 60 објекти и таму речиси е завршено испумпување на водата од станбените објекти. Се работи на инфраструкатурата во урбаното подрачје на градот и во текот на денот се очекува се да биде завршено доколку нема нови врнежи на дожд, информираа утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Екипи на ТППЕ Виница биле на терен синоќа до 23:00 часот, при што имале вкупно 20 интервенции, претежно на деловни објекти и училишта. Во најголем дел штетите се санирани, а во моментот се на терен со две пумпи и тројца пожарникари на пријава на еден деловен објект.

-Градоначалникот известува за почеток на пријава на штети во службите на Општина Виница, како и брзо интервенирање на Комисијата за процена на штети и најавен е и состанок на Општинскиот кризен штаб. Екипа на ЈП „Солидарност“ Виница со едно возило и три лица се на терен за санирање на затнати водотеци на реките и шахтите, како и чистење на наноси од улиците. Пријавена е и интервенција на поединци со сопствени пумпи за санирање на поплавени подруми. ДЗС ПО Виница преотстапи три пумпи на ТППЕ Виница во период на траење на интервенциите, соопшти ЦУК.

Село Лажани, Општина Долнени синоќа беше зафатено со поплави од поројни дождови. Од ЦУК посочуваат дека се работи за долниот дел од селото, каде поминува терцијалниот канал кој, како што велат, од низа причини бил стеснет од ф-1000 на ф-100 и ф-200. Се работи за дел каде се приватни станбени куќи заради можност да се премости влезот над каналот.

Во Лажани струјата беше исклучена и дел од жителите на селото беа евакуирани. Во Лажани беа зафатени над 30 објекти и се уште се работи на расчистување. Од ЦУК информираат дека ако нема пообилни врнежи од дожд, во текот на денот се ќе биде под контрола.

Жителите на Лажани информираат дека веќе состојбата се нормализира.

Обилни врнежи на дожд по 20 часот синоќа имаше во урбаниот дел на Тетово, а исто така и во Мала Речица. Од ЦУК информираат дека имаше евакуација на десетина луѓе, кои се сместени на безбедни места се додека не се испумпа водата од нивните објекти.

Од ЦУК соопштија дека утрово во 2.30 имаше проблем со селото Џерма, каде од силниот порој од водата од планинскиот дел беше уништен ѕид од една куќа, а некои автомобили се блокирани. Жителите бараат надлежните органи што поскоро да преземат мерки. На терен се екипите на општините, на ЦУК, на ДЗС, на ТТПЕ, СВР Тетово и дриуги, се работи со градежна механизација.

Најнови вести