По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе Обвинителен акт против едно физичко и едно правно лице за кривичните дела – Даночно затајување и Фалсификување или уништување на деловни книги.
Во периодот од 22.12.2016 до 20.05.2018 година, со намера да избегне плаќање на давачка на која е обврзан со закон, првообвинетиот, во својство на управител и овластен потписник во обвинетото правно лице од село Топлица, Врапчиште, затаил парични средства на име данок на додадена вредност, персонален данок на доход и данок на добивка во вкупен износ од 2.447.852 денари.
На овој начин, управителот е обвинет дека сторил кривични дела – Даночно затајување од член 279 став 2 во врска со став 1 и став 3, како и Фалсификување или уништување на деловни книги според член 280 став 2 и став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Фирмата, пак, како правно лице сторила кривично дело – Даночно затајување од член 279 став 3 во врска со став 1 и став 2 од Кривичниот законик.