Директорот на Центарот за јавно здравје Арбен Зибери ги повика иселениците да дојдат да гласаат за Албанец премиер на изборите на 15 јули и се пофали дека тој како член на Комисијата за заразни болести помогнал да се отворат границите без протоколите препорачани од Светската здравствена организација. Зибери е втор на листата на кандидати за пратеници на ДУИ во првата изборна единица и роднина на Насер Зибери, кандидатот на ДУИ за премиер. Тој на Фејсбук напиша и дека укинувањето на тестирањето и 14-дневната изолација за иселениците е направено благодарение на придонесот на ДУИ во здравствените политики на владата.
-Добредојдовте иселеници. Родното место ве чека. Сега можете да си дојдете дома без тестови и 14-дневна изолација, благодарение на нашиот придонес во здравствените политики на владата. Јас како член на Комисијата за заразни болести и другите членови помогнавме да се отворат границите и луѓето да се движат слободно без протоколите препорачани од СЗО. Зошто да не, дојдете дома за Албанец премиер, вели Зибери.
Иако за себе пишува дека е член на Комисијата за заразни болести, неговото име не е на официјалниот список со членови на Комисијата, објавен на владиниот веб сајт коронавирус.гов.мк.
Вицепремиерот Бујар Османи претходно на Фејсбук напиша дека е време да се отвораат аеродромите и границите без никакви ограничувања.
Премиерот Оливер Спасовски на прес-конференција вчера рече дека отворањето на границите од утре (петок) без никакво ограничување и почнување со работа на аеродромите идната среда не е политичка одлука донесена во пресрет на изборите, туку е донесена по анализите и препораките на Комисијата за заразни болести, пренесува sdk.mk