Гаѓаните не смеат да плаќаат за расипништвото и неспособноста на владејачката СДСМ. Покачувањето на цената на водата ќе биде најголем удар врз најсиромашните. Доколку се реализираат намерите на СДСМ, граѓаните на годишно ниво, ќе мора да одвојуваат пари и за 13 сметка. Приближно толкава е сумата што новата власт дополнително ќе им ја зема за 12 месеци, а додека се бореа од опозиција за нивните гласови лажеа дека водата ќе ја поевтинеле за 30%, истакна Ирена Попова на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ.
-Празнењето на џебовите на граѓаните преку сметките за вода не е еднократен проект. СДСМ тоа планира да го прави на подолг рок. Со последниот предлог се предвидува зголемување на цената на водата и во 2019 и во 2020 година. Водата не смее да стане луксуз во Скопје. Граѓаните не смее да плаќаат за расипништвото на власта. ВМРО ДПМНЕ бара одлуката да се повлече или советниците од СДСМ да се разбудат навреме и да не дозволат да поминат овие катастрофални предлози, рече Попова и додаде:
„Доколку предлогот помине, доколку оваа одлука ја поддржат советниците на СДСМ од февруари оваа година граѓаните годишно ќе плаќаат плус една сметка за вода. Покачувањето во 2019 година ќе биде еднакво на плус две сметки за вода годишно, додека покачувањето во 2020 година ќе значи плус три сметки годишно. Тоа се пари од џебовите на граѓаните со кои ќе се покриваат партиските вработувања на СДСМ. Недозволиво е СДСМ своите партиски долгови да ги подмирува со парите на граѓаните. 160.000 корисници на услугите на ЈП Водовод на територија на град Скопје ќе го полнат буџетот на градот, со цел вработување на некои нови партиски активисти од типот на Никола Наумовски и Влатко Васиљ, како награда за одработеното за СДСМ“.
Ова, потенцираше Попова, е типичен пример како се однесува СДСМ кога е опозиција, а како кога е на власт.
-Едно ветуваат од опозиција, друго прават кога се на власт. СДСМ удира по сиромашните, кои треба да го финансираат луксузот на партиската елита. По зголемената акциза на дизелот, водата не смее да стане уште едно средство од кое власта ќе ги намирува своите партиски вработувања.