петок, 17. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Повторно одложени завршните зборови во судскиот процес за пожарот во модуларната болница во Тетово

Повторно одложени завршните зборови во судскиот процес за пожарот во модуларната болница во Тетово

По втор пат се одложи рочиште за завршни зборови во судскиот процес за неколку кривични дела поврзани со пожарот во модуларната болница во Тетово во септември 2021 година кога животите ги загубија 14 луѓе. Поради отсуство на адвокатот на еден од обвинетите, поранешниот директор Артан Етеми, судијата Јордан Велковски го презакажа судењето за 29 мај во 10 часот.

Претходно на 25 април завршните зборови беа одложени за денеска поради отсуство на еден од обвинетите, поранешниот директор на болницата Флорим Бесими. Доказната постапка во судскиот процес заврши со последните сведоци кои беа сослушани на 6 април.

И денеска повторно група граѓани се собраа пред судот во Тетово на мирен собир за да искажат поддршка за обвинетиот д-р Бобан Вучевски.

-На правдина го теретат докторот. Треба да одговара тој што ја градел болница, а не доктор кој ги лечел луѓето, што спасувал животи. Бил добар доктор. Наместо во болница го малтретираат тука, истакнаа граѓаните.

Поранешните директори, Флорин Бесими и Артан Етеми се теретат за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека докторот Бобан Вучевски за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. Клиничката болница како правно лице се терети за две кривични дела, прво за „предизвикување општа опасност“ и за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.

Обвинетите на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението но дека не чувствуваат вина. Судењето започна во декември 2022 година.

Најнови вести