Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на вчерашната прес-конференција во Владата која ја одржа заедно со премиерот Димитар Ковачевски не’ нарече „северномакедонци“.
Ковачевски премолче и продолжи со прес-конференцијата, а денеска шефот на македонската дипломатија Бујар Османи во одбрана на фон дер Лајен. Вели, било лапсус и не треба да има реакција.
Во одговор на новинарско прашање на денешниот брифинг истакна дека треба да бидеме коректни и да нема реакција на изјавата на претседателката на Европската Комисиј. Вели дека таа била коректна за време на целата прес-конференција што ја одржа во Скопје во однос на јазикот и другите идентитетски атрибути.
– Да имате фокус на претседател на Европска Комисија, на Влада на најголемата економија во светот. Да доаѓа секој месец во една мала држава, нешто што го посакуваат големите држави во Европската Унија, да ја имаат Фон дер Лајен во нивните земји и да покаже таков интерес. Да има такви прес-конференции по однос на тоа што нас ни е важно, во однос на тоа дека јазикот станува еден од службените јазици, дека припаѓаме таму и да направи еден лапсус од тоа да создадете анимозитет кон тој интерес што го покажува, а не знам дали ќе го имаме постојано, истакна Османи.
Во текот на вчерашниот ден со реакција излезе и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој побара извинување доколку се работи за намерна употреба на терминот.
-Доколку ословувањето на Урсула Фон дер Лајен, како „северномакедонци“ беше ненамерна грешка очекував барем тие до неа да ја коригираат. Доколку пак е намерно тогаш е страшно и очекувам денес да се извини, вели Мицкоски.
За потсетување ова не е првпат да се случи ваков лапсус, како што го нарекува Османи. Во јули годинава таа беше во посета на Македонија каде оставри средба со претседателот на државата Стево Пендаровски и премиерот Ковачевски, а имаше и обраќање во законодавниот дом.
Најавувајќи ги овие средби на својот Твитер профил, Европската комисија чиј претседател е Фон дер Лајен, напиша дека таа ќе се сретне со „северномакедонскиот“ претседател и ќе се обрати пред „северномакедонскиот“ парламент. Набрзо потоа твитот беше избршан и објавен корегиран.