Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ до Собранието ќе достави Барање за одржување на надзорна расправа на тема „Склучени договори за консултантски, адвокатски и нотарски услуги со Влада и органи на државна управа, претпријатија со целосна, доминантна или делумна сопственост на државата и јавни претпријатија, обелодени Лилјана Кузмановска, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија.
-На ваквото барање со потпишани најмалку 15 пратеници согласно Законот за Собрание мора да биде прифатено, а надзорната расправа да ја одржи матичното работно тело односно Комисијата за финансирање и буџет. Ова барање е резултат на напорите на пратениците од СДСМ на вчерашната седница на Комисијата за финансирање и буџет да го сокријат скандалот за склучените договори за адвокатски услуги со адвокати и адвокатски друштва блиски до СДСМ. Имено, се работи за сомнеж за одлив на милионски средства од буџетските пари за адвокатите и адвокатските друштва кои се во блиска релација со владејачката СДСМ, рече таа.
За таа цел, во текот на вчерашниот ден координаторот на Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ поднесе Барање до Комисијата за финансирање и буџет за одржување на надзорна расправа и истото не доби поддршка од мнозинството членови на Комисијата, во која најголемиот број членови се од редовите на СДСМ.
-СДСМ уште еднаш покажа дека мнозинство што го имаат во Собранието на Република Македонија не ги обврзува да ги почитуваат Деловникот на Собранието, Законот за Собрание на Република Македонија и Уставот на Република Македонија. По којзнае кој пат во текот на овој мандат СДСМ ги крши правилата и процедурите со аргументот дека се мнозинство. Целта на одржувањето на надзорната расправа е да се провери колкав износ на финансиски средства имаат добиено адвокати и адвокатски друштва на лица кои вршат јавни функции, нивни роднини или членови на владејачките партии. Во изминатиот период во повеќе наврати протекоа бројни информации за ангажирани адвокатски друштва на лица носители на јавни функции или во роднинска врска со носители на јавни функции. Очигледна е тенденцијата одредени адвокати и адвокатски друштва да склучуваат договори со Владата, органи на државната управа, претпријатија со целосна, доминантна или делумна сопственост, како и единици на локалната самоуправа и претпријатија основани од нив. Со вчерашното не гласање на иницијативата, СДСМ покажаа дека не само што сакаат да го скријат овој скандал, туку дека чукањето во гради за транспарентност пред граѓаните се само празни зборови додека во реалноста се кријат битни информации од јавноста. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ е решена и покрај опструкциите од страна на СДСМ да го расветли овој скандал пред јавноста и токму затоа користејќи ги расположливите демократски права и инструменти со собраните најмалку 15 потписи ќе се одржи оваа надзорна расправа секако доколку СДСМ повторно не посегне по прекршување на процесите се со цел да го сокрие скандалот, посочи пратеничката Кузмановска.