Собранието претпладнево расправаше за Предлог на закон за гаранција на Република Северна Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на Проектот на ЕСМ за транзиција кон соларни фотоволтаици, што ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и Акционерското друштво за производство на електрична енергија Електрани на Македонија, во државна сопственост, Скопје, по скратена постапка, што е на дневен ред на 54. седница.
Проектот на ЕСМ за транзиција кон соларни фотоволтаици претставува проект кој опфаќа изградба на ФЕ Осломеј 2 со инсталирана моќност од 10 мегавати и ФЕ Битола со инсталирана моќност од 20 мегавати. Имплементатор на проектот ќе биде Акционерското друштво за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост, Скопје (АД ЕСМ – Скопје).
Во образложението на потребата за носење на овој закон се наведува дека имплементацијата на Проектот ќе придонесе за намалување на трошоците на АД ЕСМ – Скопје за ископ на јаглен, како и помали трошоци на Друштвото, во однос на даноци за испуштање на стакленички гасови од термоелектраните.
Изградбата на двете фотонапонски електрани е планирана во околината на веќе постоечки термоелектрани, што ќе има финансиска корист, бидејќи ќе се користи постоечката патна и енергетска инфраструктура.
Вкупната проценета вредност на проектот изнесува 25 милиони евра. Проектот се планира да се финансира со заем од ЕБОР и инвестициски грант од ЕУ – ВБИФ.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека со овој проект „некој сака да украде пет милиони евра“ и оти цената е за 25 проценти поголема од реалната „за некој да си направи бизнис“.
Пратеникот Здравко Трајанов истакна дека тој е за обновлива енергија, но не за криминал, предупредувајќи дека укажуваат на криминал во обид.
Бранејќи го законот пратениците од СДСМ истакнаа дека ова и е потребно на земјата.
– Рековте дека ова е добар закон и велите дека имало криминал. Каде видовте дека некој тука мисли и на мала врата да се протне кога овој закон е правен пред две години. И Европска банка ли се криминалци? Знаете дека има надзор, рече пратеникот Диме Велков од СДСМ.
Ненад Коциќ, од СДСМ излезе со контраобвинување за, како што рече, криминалите на ВМРО-ДПМНЕ, наведувајќи дека 1,6 милиони изнесувале криминалните зделки за пари од ЕВН.
На дискусијата за Предлог на законот и претходеа меѓусебни обвинувања преку процедурални забелешки на координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на СДСМ, Јован Митревски и на ДУИ, Арбер Адеми.
Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ имаше забелешки што денеска во Собранието истовремено се закажани јавна расправа со тема од особено значење, продолженија на пет собраниски седници како и две други комисии. Исто така, праша зошто не се почна со Предлог на закон за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за дополнително финансирање на Проектот за поврзување на локални патишта, по скратена постапка, од 39 седница бидејќи е многу важен за граѓаните и е закочен подолго време.
– Се избегнува да се донесе зашто градоначалниците биле од ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицевски.
Според него, СДСМ и ДУИ во Собранието се направиле да нема контрола на Владата.
Митревски од СДСМ нагласи дека тој закон во собраниска процедура е од 6 мај 2021 година и оти шест месеци бил блокиран од тогашниот претседател на Комисијата за финансирање Тимчо Муцунски, кој, според него, почитувал политичка одлука.
– Сега барате да се донесе тој закон зашто вашите градоначалници треба да асфалтираат улици, рече Митревски.
И тој, како координатор на пратеничката група на СДСМ и Арбр Адеми, како координатор на пратеничката група на ДУИ истакнаа дека ВМРО-ДПМНЕ неколку пати барале одложување на интерпелациите што самите ги поднеле и дека за тоа не треба да се обвинува претседателот на Собранието, Талат Џафери.
– Колку пати баравте да не се одржат интерпелациите да бидеме искрени и сега го обвинувате Талат Џафери, рече Адеми.
Координаторите меѓусебно се обвинуваа и за недонесувањето на Законот за игри на среќа и за тоа кој сакал и зошто, тој да биде блокиран и да има коцкарници во близина на училишта.
Седницата е прекината и дополнително ќе биде закажана. Работата на Собранието ќе продолжи во 15 часот по Предлог на закон за изменување и дополнување на законот за земјоделство и рурален развој, што е на дневен ред на 64. седница.
За денеска се закажани и продолженија по 69., 39. и на 71. пленарна седница. (МИА)