Собранието го заврши општиот претрес по Предлог-законот дел од Шар Планина да се прогласи за Национален парк, во прво читање, во рамките на 39 седница. Гласањето ќе биде дополнително закажано.
Пратениците од опозицијата и од владејачкото мнозинство се согласија дека е потребно да се донесе ваков закон, односно дел од Шар Планина да се прогласи за Национален парк, што поволно ќе влијае на заштита на природата, на биодиверзитетот, развој на туризмот и друго. За пратениците од опозицијата остануваат дилемите како ќе се реши дивата сеча, како ќе се стопира изградбата на мали хидроцентрали, како ќе се финансира Националниот парк. За мнозинството, дилемите кои произлегуваат од законот, ќе се решат амандмански, со цел подобрување на неговиот текст.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Здравко Трајанов истакна дека националните паркови се гордост на една држава, висок еколошки дострел за зачувување на животната средина. Според него, националните паркови се голем туристички потенцијал и овозможуваат промоција на една држава.
– Но, мора да ги земеме и некои проблеми предвид, оти ако тие не се решат, ќе се мултиплицираат, а тоа е неконтролирана, енормна нелегална сеча на дрва, константно проширување на урбанистичкиот опфат и градење на нелегални објекти по целиот простор на Шар Планина. Проблем, на кој укажуваат и невладините организации, е и изградбата на мали хидроцентрали на тој простор, што силно ја удира животната средина, рече Трајанов, кој забележа дека не е јасно што ќе се случи со двете подружници на Македонски шуми.
Освен тоа, Трајанов нагласи дека е многу важно да се знае како ќе се финансира овој Национален парк. Според него, тој треба да биде самоодржлив. Трајанов апелира во Националниот парк да не бидат вработувани партиски кадри туку стручни лица.
Пратеничката од редовите на ДУИ Вјолца Адеми, реплицирајќи му на Трајанов рече дека за дивата сеча има предвидено казни во други закони, како Законот за шуми и Кривичниот законик.
– Една од економските придобивките од прогласување на Шар Планина за Национален парк е тоа што ќе се овозможи развој на туризмот и самоодржливост, рече Адеми.
Жаклина Лазаревска од СДСМ во репликата истакна дека на седницата се зборува за потребата од донесување ваков закон.
– Ако видиме некои недоследности во првото читање на предлог законот, во второто читање ќе реагираме амандмански. На прашањата кои ги поставивте, а кои се легитимни, треба заеднички да одговориме за да го подобриме текстот на овој закон, рече Лазаревска.
Пратеникот на Алијансата за Албанците Халил Снопче во својот говор нагласи дека последните години во пораст е дивата сеча, нелегалното ловство е надвор од контрола, а нарушувањето на животната средина на Шар Планина, кулминира со изградба на хидроцентрали.
-Фактот дека досега се изградени или се градат или се планираат да се градат околу 70 мали хидроцентрали е најважното прашање и главен предизвик за заштита на Шар Планина, потенцира Снопче.
По завршувањето на претресот за Прелог-законот дел од Шар Планина да се прогалси за Национален парк, претседателот на Собранието даде еден час пауза. По паузата пратениците ќе продолжат со работа по точките на дневен ред од 39 седница. (МИА)