Со барање за „слобода на уставобранителите“ во 11 часот започна протестот пред Владата, а предвидено е истиот да заврши пред Собранието каде веќе дојдоа илјадници граѓани. Со извици „Никогаш северна, само Македонија“, и пеење на „Море сокол пие вода на Вардарот“ и „Едно име имаме“, се бара ослободување на осудените за упадот во Собранието на 27 април. На протестот се бара и оставка на Владата.
Организаторите на протестот апелираа учесниците да се придржуваат до протоколите за време на пандемија и се оградуваат од навредливи скандирања и транспаренти базирани на етничка и верска основа.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ се изјасни дека не е директно вклучена во организацијата, но даде поддршка на протестот и повика на барање правда, за како што велат, неправедно осудените за настаните од 27 април 2017 година.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е денеска присутен на протестот за поддршка за осудените од упадот во Собранието кој се случи пред четири години.
Тој на социјалните мрежи порача дека не смее да се премолчи на неправдата, затоа што како што рече, уставобранителите се чесни граѓани на Македонија.
„Не смееме да премолчиме неправда, затворот на правдина е најтежок, а општеството не смее да дозволи импровизации. Даваме поддршка и бараме ослободување на уставобранителите, тие не се и не можат да бидат терористи. Тие се чесни граѓани на оваа земја“, порача Мицкоски.