Во рамки на 88-та собраниска седница, без расправа заврши претресот по неколку барања за автентично толкување на закони. Заклучокот за сите нив беше дека не се оправдани и нема потреба од автентично толкување од причини наведени во извештајот на собраниската Законодавно-правна комисија.
Се работи за барања за автентично толкување на: член 41 став 2 од Законот за локалната самоуправа, поднесено од претседателот на Советот на Општина Битола; член 44 од Законот за локалната самоуправа, поднесено од градоначалникот на Општина Велес, член 123 точки 1 и 2 од Законот за водите, а во врска со член 6 точки 2 и 3 од Законот за водостопанство – барање поднесено од градоначалникот на Струга.
Заклучено е и дека не е оправдано барањето за автентично толкување на член 40 став 2 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, поднесено од градоначалникот на Општина Центар, и барањето за автентично толкување на член 39 став 1, а во врска со ставот 2 и членот 67 точка 3 од Законот за туристичката дејност, поднесено од пратеникот Илија Николовски.
Гласањето по овие точки од дневниот ред на 88-та седница ќе се спроведе дополнително. Седницата е прекината и нејзиното продолжение ќе биде дополнително закажано. (МИА)