Во Собранието на Република Македонија, владејачкото мнозинство на СДСМ и ДУИ заедно со претседателот Талат Џафери спороведуваат пасивна блокада на работењето на законодавниот дом, истакна на денешната прес-конференција пратеникот Љупчо Пренџов.
Посочи дека неколку недели наназад собранискиот сајт е во хаос и не функционира.
-На календарот за секојдневни активности на кој што има седници за комисии и пленарни седници недостасуваат материјалите кои што треба да бидат прикачени заедно со седниците, што е крајно недозволиво. Исто така, сајтот на е-парламент преку кој пратениците и собраниската служба имаат увид до пристигнати закони во Собранието и нивната собраниска процедура е нефункционален, така што се отежнува работата на пратениците и службата. Дополнително зачестени се деновите кога или Собранието нема струја или се исклучува интернет конекцијата со што се блокирани сите собраниски активности. Токму денес кога ја држам оваа прес конференција се случува да се гаси интернет конекцијата така што имавме потешкотии и да ја најавиме до медиумите. Очигледно е дека ниту се работи за некаква случајост, ниту за некакви технички проблеми. Ова е пасивна блокада на законодавниот дом од страна на владејачкото мнозинство, вели Пренџов.
Тој нагласи дека како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ најавиле дека нема да дозволат да се носат закони кои се на штета на граѓаните, па очигледно власта сфатила дека позитивни законски решенија и реформи не се способни да изготват па најлесно им било на ваков начин да ја блокираат работата на Собранието.
-Во услови кога опозицијата активно ги блокира штетните закони во Собранието, а власта пасивно ги блокира сите закони ова само покажува дека предвремени парламентарни избори се единствено решение во овој момент, вели пратеникот.