вторник, 12. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

ПРЕНОС НА ОКОЛУ 200 МЕГАВАТИ СТРУЈА ПРЕКУ БУГАРИЈА, Што договори Ковачевски денеска во Софија?

ПРЕНОС НА ОКОЛУ 200 МЕГАВАТИ СТРУЈА ПРЕКУ БУГАРИЈА, Што договори Ковачевски денеска во Софија?

Пренос на околу 200 мегават часови електрична енергија преку Република Бугарија, користење на тамошните капацитети за складирање течен гас, како и изградба на интерконектор за пренос на природен гас, беа главни теми на денешната средба попладнево во Софија на македонската делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски и на бугарската на чело со претседателот на привремената бугарска влада, Галаб Донев.

– Ако пред две години се соочувавме со пикот на пандемијата која го затвори светот и со недостиг на вакцини, годинава се соочуваме со нова криза, а тоа е недостиг на електрична енергија, скапи енергенси, а сето тоа значи раст на цената на електричната енергија и големи проблеми како за граѓаните така и за стопанството, истакна премиерот Димитар Ковачевски на денешната заедничка прес-конференција.

Како одговорни политичари и влади, рече тој, ние имаме обврска пред граѓаните и пред стопанството да обезбедиме сѐ што е во наша моќ и можности да ги направиме условите најдобри можни во време на ваква криза.

– Токму затоа сме денес тука, заедно со соседна Република Бугарија да се обидеме да најдеме решение за снабдување со електрична енергија во текот на четвртиот квартал од оваа година и првиот квартал од идната година под услови кои што ќе бидат оптимални за стопанството. Ние ги кажавме деталите за она што го имаме како потреба која доаѓа и од Стопанската комора на Северна Македонија заради што и претседателот на Комората беше денес тука и нормално разговаравме за подетални аспекти. Прво, се договоривме заедно со Република Бугарија да формираме веднаш во среда работна група составена од министерот за економија на нашата држава, министерот за енергетика на Република Бугарија, како и ЕСМ и другите компании во рамки на Република Бугарија каде што ќе се разговара за техничките параметри во однос на капацитетите и транспортот на електрична енергија. Во однос на цените кои ќе треба да бидат дефинирани согласно легислативата на Република Бугарија согласно директивите на Европската Унија и нормално согласно легислативата на Република Северна Македонија. Исто така, разговаравме и за количините кои се потребни кај нас со оглед на тоа дека Република Бугарија е извозник на електрична енергија, благодарение на капацитети кои ги има особено електричната енергија произведена од нуклеарна централа. Исто така, разговаравме и за поврзувањето со нов интерконектор за гас кој би бил направен во делот на поврзување со течен гас и исто така во однос на капацитетите на постојниот интерконектор кој го имаме со Република Бугарија како и за можностите и нормално што ќе биде исто така дел од работата на работната група за складирање на течен гас во складиштата кои постојат во Република Бугарија – рече Ковачевски.

Имавме состанок, додаде тој, којшто беше одржан во духот на добра волја, тој траеше подолго од предвиденото затоа што разговаравме за детали, со фокус на реалните проблеми со кои се соочуваат граѓаните и стопанството.

– Во таков дух, со таа добра волја се надевам дека работната група која ќе почне да работи веднаш после празникот во Бугарија, а пред нашиот државен празник, во среда, дека во наредните помалку од две недели ќе имаме решение кое ќе може да биде на двостран интерес и на Република Бугарија и на Република Северна Македонија и на стопанството и на едната држава и на другата држава – истакна премиерот.

Најнови вести