Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, придружуван од сопругата, Маја Иванова, од денеска, 18 ноември 2018 година, недела, престојува во официјална посета на Хашемитското Кралство Јордан.
Денеска, во Кралската палата Ал Хусеин во Аман, претседателот Иванов со највисоки државни и воени почести ќе биде пречекан од Кралот на Хашемитското Кралство Јордан, Н.В. Абдула Втори Ибн Ал Хусеин.
Во рамки на посетата, претседателот Иванов ќе оствари средби со премиерот на Кралството Јордан, д-р Омар Разар, со претседателот на Сенатот, Фаисал Ел-Фајез, со спикерот на Претставничкиот дом Атеф Таравнех, како и со членовите на Претставничкиот дом.
За време на посетата на Јордан, македонскиот претседател ќе одржи предавање во Советот за светски прашања, на тема: „Балканот, Кавказот и Блискиот Исток: Бермудскиот триаголник на Европа“, и ќе го посети Бирото за дизајн и развој на Кралот Абдула.
Сопругата на Претседателот на Република Македонија, Маја Иванова, во рамки на дамската програма ќе оствари средба со Кралицата на Хашемитското Кралство Јордан, Н.В. Ранија Ал Абдула, и ќе ги посети Фондацијата „Jordan River“, невладина организација чијшто фокус е безбедноста на децата и зајакнување на заедницата, како и Детскиот музеј „Јордан“, кои се основани од Кралицата Ранија.