Протест со паркирање на автобусите пред општинската зграда, односно по булеварот „Први Мај“, најавуваат превозниците на линискиот општински превоз за во понеделник кога на седница на Совет треба да се донесат измените на тарифникот за првоз на ученици.
Протестот на превозниците е пријавен и во МВР и ќе се одвива во понеделник од 9 до 11 часот во Битола. Тие во писмен допис до Општината соопштија дека не биле воопшто консултурани за измената на тарифите и дека предложените цени се економски неисплатливи.
-Со предложените решенија ни се предизвикува ненадоместлива штета што е спротивно на економските законитости. Во случај да бидат усвоени предложените измени ве известуваме дека нема да бидеме во можност да продолжиме со вршење на превозот. Секоја промена на тарифата значи повреда на важечките договори. Ние не сме подготвени тоа да го прифатиме и доколку ни наметните обврска да го вршиме превозот по новата тарифа , ние ќе прекинема со вршење на превозот поради економска неисплатливост, стои во соопштението.
Понатаму, посочуваат дека во време кога се зголемуваат трошоците за гориво, осигурување, регистрација и набавка на возила нејасно е кој е мотивот и причината да се врши имена на тарифата. За време на протестот во понеделник нема да сообраќаат редовните автобуски линии.