Во просториите на Советот за грижи и воспитување на деца на градот Скопје, кој се наоѓа на улица „Илинденска“ број 55, на 10, 11 и 12 април, со почеток во 18 часот, ќе се одржи аудиција за нови членови на хорот „Златно славејче“. Децата талентирани за пеење, на возраст од 7 до 12 години, ќе треба пред диригентката на хорот, Катерина Баталаковска, да испеат една детска песна или само рефрен, по сопствен избор.
„Децата можат да се обидат, пеејќи ги своите омилени песни, да станат дел од хорот „Златно славејче“, кој е неизоставен дел од истоимениот, најстар и најреномиран фестивал за детска песна кај нас, кој годинава ќе прослави 49 години постоење. Инаку конкурсот за нови песни веќе заврши и имаше голем интерес кај авторите, а сега треба да ги одбереме најубавите песнички што ќе бидат изведени на годинашното издание“, вели Бобан Јосифовски, првиот човек на фестивалот.
Инаку, славејчињата ќе настапат на „Априлијадата“ во Скопје, како и на многу други манифестации, каде што се омилени гости.