понеделник, 27. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Проблемот со Слупчане е надминат, кој не ги плаќал сметките ќе мора да ги плати, вели Ковачевски

Проблемот со Слупчане е надминат, кој не ги плаќал сметките ќе мора да ги плати, вели Ковачевски

Проблемот со Слупчане е надминат. Екипи на ЕВН ќе направат увид, кој не ги плаќал сметките ќе мора да ги плати, бидејќи никој не е должен на некој друг да му плаќа електрична енергија, вели премиерот Димитар Ковачевски.

Тој одговарајќи на новинарско прашање посочи дека не станува збор за немање контрола од страна на државните институции, туку се работи за спроведување на работата на ЕВН која е приватна компанија.

-Не се работи за достапност на државни институции, туку се работи за спроведување на работењето на приватна компанија. ЕВН е приватна компанија, која што е странска директна инвестиција во државата и која што има обврска да испорачува електрична енергија до секое домаќинство во државата и до малите потрошувачи како универзален снабдувач. Со оглед на тоа дека на посоченото место имаше проблем со наплатата, и со диво приклучување на електроенергетската мрежа, компанијата заедно со надлежните институции, а Министерството за економија е надлежно во делот на енергетиката, имаа разговори со градоначалникот на Општина Липково, бидејќи Слупчане се наоѓа во Липково и според кажувањата и на компанијата, и на градоначалникот, меѓутоа и на самите жители, тој проблем е надминат. Ќе влезат екипите на ЕВН коишто ќе направат прво комплетен увид, во тоа кој бил приклучен на диво и ќе биде исклучен, кој не ги плаќал сметките ќе мора да ги плати и понатаму да продолжи нормално како на целата територија, рече Ковачевски коментирајќи ја интервенцијата на министерот за економија за да се дојде со солуција за проблемот.

Такви места, додаде тој, има повеќе. Не е само Слупчане, како што беше и во Арачиново, има и други места каде што исто така, се решава работата, бидејќи никој не е должен на некој друг да му плаќа електрична енергија, подвлече премиерот Ковачевски по додлеувањето социјални станови на 27 семејства во Свети Николе.

Жители на Слупчане завчера се обиделе самите да се приклучат на електроенергетскиот систем при што направиле голема штета на системот, оставајќи ги без струја и соселаните и жителите на уште три соседни села – Оризаре, Ваксинце и Лојане. Од ЕВН соопштија дека дефектот наскоро ќе биде отстранет откако добиле гаранција од министерот за економија Крешник Бектреши и градоначланикот на Липково Еркан Арифи дека нивните екипи нема да бидат спречувани од локалните жители во извршување на работата.

-По добиените гаранции од страна на министерот за економија, кој заедно со градоначалникот на Липково се договорил со жителите да не ги спречуваат екипите на електродистрибуција да работат и да започнат со проектот за реконструкција на мрежа и поставување нови мерни системи кои ќе овозможат точно мерење на електрична енергија, дефектот во Слупчане ќе се санира за скоро време, стои во соопштението од ЕВН.

Најнови вести