Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да ја продолжи расправата по Предлог-буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година.
Расправата почна на 15 ноември, а може да трае најмногу десет дена. Потоа Предлогот преминува на собраниска седница која може да трае најмногу пет дена.
Се очекува Буџетот да биде донесен не подоцна од петти декември годинава.
Според Предлог-буџетот, вкупните расходи се планирани на ниво од 272,4 милијарди денари или 32 проценти од БДП, а приходите на 238,9 милијарди денари или 30,9 проценти од БДП. Вкупните приходи се за 7,4 проценти повисоки од 2021 година, а кај расходите има зголемување за 1,4 проценти во споредба со расходите во 2021 година, но тие се пониски како процент од БДП споредено со 2021 година.
Капиталните инвестиции за 2022 година се планирани на ниво од 37,8 милијарди денари и првпат се повисоки од буџетскиот дефицит кој е проектиран на ниво од 33,5 милијари денари или 4,3 проценти од БДП. Стапката на инфлација е проектирана на ниво од 2,4 проценти.
Министерот за финансии Фатмир Бесими кој ги образложи проекциите, рече дека грижата за здравјето на граѓаните, консолидацијата на економијата, зголемените инвестиции, поддршката на реформите во правосудството и евроатланскиот пат на земјава се четирите приоритети на Владата врз кои е и скроен буџетот.