вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Просечната сметка за струја од 1 јули пониска за 4,26 отсто, доколку ДДВ-то се врати на 18 отсто повисока за 2,5 отсто

Просечната сметка за струја од 1 јули пониска за 4,26 отсто, доколку ДДВ-то се врати на 18 отсто повисока за 2,5 отсто

Од 1 јули годинава за 7,04 проценти ќе се намали вкупната цената на електричната енергија во првиот блок со вкалкулирана енергија и мрежарина, во вториот блок ќе биде поевтина за 4,09 проценти, додека во третиот блок ќе има зголемување за 2,54 проценти, а во четвртиот блок цената ќе биде повисока за 2,42 проценти, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).

Како што информира претседателот на РКЕ Марко Бислимоски на денешната прес-конференција, доколку од 1 јули се врати ДДВ-то за струјата од 10 на 18 отсто тоа ќе значи зголемување за 2,5 отсто на крајната сметка што ја плаќаат домаќинствата со просечна потрошувачка ако, пак, остане ДДВ-то на 10 отсто ќе значи намалување на крајната сметка за 4,26 отсто. Според него, од 1 декември со стартот на дневната евтина тарифа ќе следи линеарно намалување за 5 проценти на сметките.

-РКЕ носи одлуки за цени и тарифи за електричната енергија без ДДВ. Во апсолутен износ ДДВ-то влијае 7 проценти. За едно просечно домаќинство со просечна потрошувачка намалувањето на цената на струја без ДДВ е 4,26 проценти, а влијанието заради ДДВ-то, вкупниот трошок со ДДВ е 2,5 проценти. Се обидовме да бидеме максимално креативни и да го ублажиме зголемувањето на ДДВ-то кое од 7,2 проценти го сведовме на 2,5 проценти како вкупен трошок, рече Бислимоски во одоговор на прашање.

Нагласи дека ова е втора последователна одлука на РКЕ со која цените на електрична енергија без ДДВ се намалуваат за домаќинствата и за малите потрошувачи.

-Цените на електричната енергија во евтината тарифа остануваат речиси идентични, додека кај малите потрошувачи заради заокружувањето има промена, односно минимално зголемување од 0,38 проценти, рече Бислимоски.

За малите потрошувачи, како што кажа, крајната цена ќе се зголеми за 0,3 проценти бидејќи ДДВ-то нема влијание зашто прават поврат на ДДВ.

-Математички пресметано за домаќинствата со вклучено зголемено ДДВ во првиот блок има намалување на цената за 0,28 отсто, во вторито блок има зголемување на цената од 2,88 отсто, во третиот блок зголемување од 9,99 отсто, а во четвртиот блок зголемување од 9,87 отсто. Кај домаќинствата со просечна потрошувачка влијанието на зголеменото ДДВ е 2,5 проценти, прецизира Бислимоски.

Како што посочи операторот на пазарот на електрична енергија побарал зголемување на цената од 83,83 проценти, а РКЕ одобрил зголемување од 5,2 проценти и таа изнесува 0,009 денари, и тоа има незначително влијание во крајната цена. МЕПСО побарал цената за пренос на електрична енергија да се зголеми за 52 проценти, а РКЕ ја намалила за 17,06 проценти.

-Намалувањето на оваа цена пред се се должи на тоа што се намалија трошоците за загуби коишто во втората половина од годината изнесуваа 132 евра за мегават час, додека во првиот дел од годината изнесуваа 220 евра за мегават час, рече Бислимоски и додаде дека е одземена и добивката од 14 милиони евра што ја остварил МЕПСО од балансирањето.

Електродистрибуција, додаде, побара да се зголеми цената за дистрибуција за електрична енергија за 32,17 отсто, а дозволивме зголемување од 2,12 проценти. Во првиот дел од годинава цената за загубите во дистрибуцијата на електрична енергија изнесуваше 110 евра за мегават час, а во вториот дел од годинава е 100 евра.

-Со тоа мрежарината што ја плаќаат домаќинствата која претставува збир од цената за пренос и за дистрибуција на електричната енергија ќе се намали 2,11 проценти и на тој начин во сметките нема да се плаќа повеќе за мрежарина отколку за потрошена енергија, потенцира Бислимоски.

Цената за снабдување се намалува за 1,77 отсто. Тоа, како што кажа е благодарение на АД ЕСМ кое ја намали цената за снабдување од 56 на 53 евра за мегават час, а исто така ја намали и цената за покривање на загубите во преносниот и дистрибутивниот систем.

Бислимоски очекува до декември Електродистрибуција да ги заврши сите процедури за воведување евтина дневна тарифа и најголем дел од граѓаните да можат да стратуваат со услугата уште на 1 декември. Најави дека ќе инсистираат во наредните година до две Електродистрибуција да ги смени сите постари броила и да постави броила со далечинско отчитување на нивен трошок кој потоа ќе биде вкалкулиран во трошоците што им ги признава РКЕ. Со тоа, сите промени ќе можат веднаш да се имплементираат и ќе нема потреба од рачно прилагодување и читање на броилата.

Најнови вести