Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска оствари проштална средба со амбасадорот на Хеленската Република во Република Македонија, Русос Кундурос.
Османи, како што соопшти МНР, изрази благодарност за несебичниот ангажман на амбасадорот Кундурос и неговите цврсти заложби за негување и зацврстување на пријателските и партнерски врски меѓу Северна Македонија и Грција, како и за неговиот придонес во насока на продлабочување на севкупната билатерална соработка меѓу двете соседни земји.
–Заемно беше истакнато значењето на Преспанскиот договор, кој отвори една нова страница во билатералните односи меѓу двете држави, а воедно беше нагласен интересот и посветеноста на двете страни за негова целосна имплементација, што уште повеќе ќе ги зацврсти пријателските и партнерските врски меѓу Северна Македонија и Грција, стои во соопштението.
Османи, посакувајќи му успех во неговиот иден ангажман како на професионален, така и на личен план, на Кундурос му врачи благодарница за неговите особени заложби во промоцијата на пријателството, партнерството и тесната соработка меѓу Северна Македонија и Грција. (МИА)