Протест во Тетово против отворање казино во близина на градинката „Младост“. Граѓаните заедно со Движењето против коцкање го изразија својот револт, барајќи да се затворат сите објекти за игри на среќа, јавува ТВ21.
-Казината, игрите на среќа и сите други објекти за коцкања не се отворени за луѓето да добиваат, туку напротив – да го осиромашат народот. Најлошото од сѐ е тоа што сите објекти за игри на среќа кои се отвораат во близина на училиштата и градинките, како во конкретниов случај што се собравме, денеска молчат и се повлекуваат, претворајќи ги клиентите во најранлива категорија – нашите деца.
Од градинката „Младина“ велат дека во нивната план-програма имаат и активности вон објекти, а прво нешто што гледаат децата штом ќе излезат, е токму казиното.
-Децата во текот на летото имаат активности и вон објектот, а ова казино е многу блиску до нас. Одржување на активности надвор е дел од наставната програма на децата, затоа ние како установа сме против отворање на ова казино.
Од Движењето Беса и Алијанса за Албанците велат дека преку институционален пат ќе се борат против оваа појава:
-Јас како граѓанин на Тетово ќе бидам меѓу нив, а како политичар ќе иницирам и ќе поддржам секаква иницијатива за промена на законите. Како градоначалник на Тетово ќе ги искористам сите ингеренции што ги имам со цел оваа појава да исчезне од нашата средина, рече Касами.
-До Собрание пристигна таков предлог-закон. Ние преку амандмани ќе интервенираме да не бидат на само неколку метри. Ова не се решава со оддалечување од неколку метра, туку овие казина, овие игри на среќа треба да бидат во хотел со 5*, вели Илире Даути пратеничка.
Со новиот закон кој е во постапка, отворањето на објекти за игри на среќа е дозволено 500метри од училиштата. Од Движењето против коцкање бараат ваквите објекти да бидат сместени вон градот.