Дел вработените кои работеле во АД Медицинска пластика-Тетово денеска одржаа јавен протест со цел да алармираат дека иако изминуваат 16 години од почеток на стечајната постапка сè уште чекаат да им се исплатат заостанати плати, здравствено и пензиско осигурување и акции. Тие се одлучиле да реагираат на денешен ден преку јавен протест со оглед дека во 2006 година почнала стечајната постапка.
-Во моментот кога отидовме во стечај имаше пет најголеми доверители. Ние вработените со околу два милиони евра бевме најголеми доверители. Стечајот го покрена една банка кон која имаше околу 870 илјади евра долг. Имаме потпишано договори за вонсудска спогодба со обврска на раководството за три години да ни ги врати парите, неисплатени плати што ни должеа. Ништо нема исплатено во текот на стечајната постапка. Од 2002 до 2006 нема платено придонеси за здравствено и пензиско осигурување, односно стаж, изјави Михајло Илиќ, еден од работниците.
Работниците велат дека револтот е голем затоа што нивната голгота трае со години. Тие бараат од државните институции да го решат нивниот проблем и на тој начин да докажат дека функционира правниот систем.
-Имаме сознанија дека фирмата се продава. Купена е за 300 илјади се продава за пет милиони евра. Немаме против, само сакаме да бидеме исплатени. Не бараме социјална помош од државата туку бараме правата да ни да средат и да не исплатат тоа што е наше. За сите овие 16 години нема исплатено ниту една вонсудска спогодба, а нема исплата ниту за оние кои ја тужеле фабриката и го добиле спорот на суд. Го повикувам претседателот и премиерот да реагираат, со оглед дека е почнат скринингот за членство во Европска унија, но на овој начин не може, затоа што има вакви примери како нашиот, каде ние сме оштетени, изјави Верица Ивановска.
Во Медицинска пластика работеле околу 560 работници. Во погоните се произведувале материјали за еднократна употреба во медицината