За струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, кој од неодамна е на „црната листа“ на САД во евиденцијата на Јавното обвинителство (ЈО) има вкупно шест активни предмети покренати против него. Согласно евиденцијата на Јавното обвинителство, активни се предметите: КО бр. 107/23 , КО бр. 117/23, КО бр. 121/23, КО бр.208/15, КО бр. 15/22, и РО 55/19.
– Јавното обвинителство исклучително сериозно ги зема предвид сознанијата на американскиот Стејт департмент за потенцијално влијание од страна на ова лице врз постапките. Од тие причини, Обвинителството итно по секој предмет ќе ја испита законитоста и ажурноста во постапувањата и евентуалното вршење влијание во постапувањето по предметите. За сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание ќе се поведе постапка за одговорност, а јавноста ќе биде соодветно информирана, велат од ЈО.
Предметот КО бр. 107/23 е заведен по кривична пријава поднесена од повеќе Здруженија на граѓани, за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од КЗ.
-Пријавата е поднесена на 26.04.2023 година, постапува ОЈО Струга и презема дејствија за проверка на наводите, соопшти ЈО.
Предметот КО бр. 117/23 езаведен во ОЈО Струга против него и уште две други лица за кривични дела по член 353 и член 353-в од КЗ, а по кој има испитани лица и редовно се постапува.
Предметот КО бр. 121/23 е примен во ОЈО Струга на 19.05.2023 година и по него се проучува пријавата и предистражната постапка е на почеток.
Предметот КО бр.208/15 отворен е по пријава од УФП за кривично дело по чл.353 ст.1,2. и 5 против него и други три лица.
-Обвинителот што постапува во предметот издал Наредба за вештачење до Бирото за судски вештачења, по доставените наоди во три наврати е побарано дополнување на вештачењето. Предметниот обвинител се уште го чека постапувањето по Наредбата за дополнување издадена во февруари 2020 година, прецизираат од ЈО.
Предметот КО бр. 15/22 е отворен во ОЈОГОКК по кривична пријава од група адвокати против три лица, а во врска со ангажмани за адвокатски услуги, предметот е во предистрага и се постапува по него. 6.
Предметот РО 55/19 е отврен по анонимна кривична пријава за кривични дела – Злоупотреба на службена положба и овластување и Измама против него и повеќе други лица, поврзано со експропријација на земјиште во Струга.
-По слични наводи постапувало и ОЈО Струга и ОЈОГОКК, по што двата предмети се споени, обезбеден е судскиот предмет и дел од списите кои се наведуваат во пријавата. Се наоѓа во фаза на предистражна постапка, велат од ЈО.
Исто така, додаваат, во текот на изминатите години против лицето се водени и повеќе други постапки по поднесени пријави од различни субјекти и институции.