Информацијата за усвојување на План – Протокол за прифаќање, згрижување и сместување, како и регулирање на статусот на лица кои од Украина ќе допатуваат во Република Македонија како последица на воените дејствија и лица кои се затекнале на територија на Република Македонија од 24 февруари 2022 година, а кои заради безбедносна состојба не се во можност да се вратат во Украина ќе биде разгледана на денешната 36. седница на Владата.
Според дневниот ред, меѓудругото, на седницата ќе се разгледува и Информацијата за Преглед на статусот на имплементација на Глобалниот Компакт за Миграција (ГКМ) во Република Македонија. На предлог на Министерството за информатичко општество и администрација, пред министрите ќе се најде и Информација за мерење на квалитетот на работата на институциите согласно Методологијата за оценка на индекс на квалитет. За заклучоците и одлуките од денешната владина седница јавноста ќе биде информирана со соопштение, веднаш по нејзиното завршување, информираат од владината прес-служба. (МИА)