По првичниот сомнеж на трети февруари, ветеринарните власти на соседна Грција, на петти овој месец официјално го потврдија првиот случај на заболена свиња од болеста Африканска свинска чума во селско домаќинство со 32 свињи. Станува збор за одгледувалиште во селото Никоклеиа во регионот на Серес. За појавата на болеста, од страна на ветеринарните власти известена е и Европската комисија и Светската организација за здравствена заштита на животните – OIE, а присуството на болеста е нотирано во Системот за нотификација на болестите кај животните на Европската унија (ADNS), информира Агенцијата за храна и ветеринарство.
Освен во Грција, болеста е присутна и во соседните земји Србија и Бугарија, каде според официјалните податоци кои ги добива Агенцијата за храна и ветеринарство, на дневна основа се појавуваат нови жаришта кај дивите свињи, најмногу во североисточна Бугарија и на границата со Романија. Болеста е присутна и во Полска, Литванија, Романија и други земји.
Во Република Македонија засега не е детектирано присуство на болеста Африканска свинска чума, ниту кај дивата, ниту кај питомата популација свињи, истакнуваат од АХВ.
Поради постоење на реална опасност од појава на болеста и во нашата земја, а со цел нејзино спречување, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до одгледувачите на свињи, ловните друштва и граѓаните да ги почитуваат донесените решија за спроведување на заштитни мерки.
-Во соработка со Царинската управа на Република Македонија, АХВ спроведува засилени мерки за контрола и на граничните премини, особено на личниот багаж на патниците. Како одговорна институција за безбедноста на храната и здравствената заштита и благосостојбата на животните, ги потсетуваме граѓаните на забраната во личниот багаж да не се носи храна од животинско потекло, особено месо и преработки од свинско месо, преку кои може да се пренесе болеста. Напоменуваме дека храната ќе им биде одземена од страна на надлежните државни органи на граничните премини. Иако не станува збор за зооноза, односно болест која е опасна за човекот, но, претставува сериозна закана по добиточниот фонд, упатуваме апел до сточарите и ловните друштва, до најблиското ветеринарно друштво или до официјален ветеринар, задолжително да пријават доколку забележат угината свиња (питома или дива) бидејќи во труповите на угинатите животни вирусот опстојува долго време и може да биде една од причините за појава и ширење на болеста, се вели во соопштението од Агенцијата.
За концесионерите на ловиштата остануваат на сила препораките за спроведување на засилен надзор во ловиштата и вршење на санитарен отстрел, со земање на мостри за испитување на присуство на болеста од секоја застрелана свиња. Лицата кои биле на лов и имале контакт со диви свињи не смеат да имаат контакт со домашни свињи најмалку 48 часа по ловот.
Одгледувачите на свињи во селските домаќинства да ги одржуваат и развиваат биосигурносните мерки на фармите. Свињите да се чуваат затворени, да се води евиденција за нивно движење и да се ограничи пристапот на лица и/или возила на фармите. Неопходно е да се преземаат мерки за чистење и дезинфекција на објектите, опремата и возилата и контрола на штетниците и векторите на фармите. Свињите да не се хранат со помии, а кујнскиот отпад треба задолжително и нештетно да се уништи.
За секое движење, животните треба да се придружени со валиден сертификат за нивната здравствена состојба. Превозните средства треба да се исчистат и дезинфицираат пред да се натоварат или истоварат животните. Пред и за време на превозот, животните не треба да доаѓаат во контакт со приемчиви животни на болеста кои немаат познат здравствен статус.
Агенцијата апелира свежото месо, подготовките од месо и производите од месо, како и нус – производите да не доаѓаат во контакт со приемчивите животни. Засилена контрола на документацијата да се врши на добиточните пазари и собирните центри. Строго е забрането продавање на животни надвор од добиточните пазари.