Дел од организаторите за Канал 5 велат дека преку протестот ќе побараат од институциите преиспитување на одлуката за поскапување на струјата, како и да се формира ново независно тело на местото на Регулаторната комисија.
-Ќе бараме одлуката на Регулаторна за зголемување на цената да се поништи и според моделот на многу европски, балкански земји во време на пандемија да се намали цената на електричната струја за 20 посто. Веројатно за тие што одлучуваат, за политичарите не е ништо покачување на цената за 7,4%, но за граѓани кои изгубија секаква можност за работа во време на пандемијата тоа е голема сума. Тоа нема да се дозволи затоа нека бидат паметни, нека делуваат паметно и разумно, вели Арианит Џафери, Иницијативен совет на протестот.
Освен во Тетово, протести вечерва преку социјалните мрежи се најавени и во скопски Чаир, Гостивар, Куманово и Дебар. Револтирани се и Битолчани, но тие нема да протестрираат. Преку писмо до Советот на градот, независната советничка група „Поинаку“ бара субвенционирање и замрзнување на цената на струјата во градот.
По најавите на Регулаторната комисија за енергетика дека граѓаните за септември ќе добијат подебели сметки за 7,4%, жестоко реагираа синдикати, здруженија како и политички партии. Од партијата ВМРО-ДПМНЕ и денеска со обвинувања.
-Компанијата која за да го заштити својот профит бараше поскапување на струјата во исто време набавува вода во износ од 50 илјади евра само за РЕК БИТОЛА.Со други зборови народот ќе плаќа поскапа струја за 7,5%, а ЕЛЕМ ќе набавува газирана и негазирана вода од скоро 3 милиони денари или 50 илјади евра, вели Стевче Антовски, ВМРО-ДПМНЕ.
Сојузот на синдикати пак утре на Совет ќе го крои ставот, но најверојатно ќе достават барање да се покачат сите плати, за граѓаните да не почуствуваат негативни последици плаќајќи поскапи сметки за струја.
Сепак, и покрај жестоките реакции на јавноста, од Регулаторната комисија тврдат дека поскапата струја нема да предизвика ценовни шокови и инфлација. Велат дека тие како тело немаат механизам да ја коригираат одлуката, а таа се должи на намалените приходи на енергетските компании како резултат на Корона кризата.