Работилница за изработка на Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2020 – 2024 ќе се одржи денеска во Скопје во организација на Државната комисија за спречување на корупцијата.
На отворањето на работилницата ќе се обрати и министерот за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски.
На тридневната работилница, како што е најавено, учество ќе земат претставници на сите релевантни институции и организации, како и домашни и меѓународни експерти.
Работилницата е поделена во неколку групи за идентификација на ризикот од корупција, и тоа: политички систем и политички партии; правосудство; органи за спроведување на законите; јавен сектор; урбанизам, животна средина и земјоделство; образование, спорт и труд и социјална политика; здравство; јавни претпријатија и АД во државна сопственост; економија и бизнис-сектор и граѓански сектор и медиуми.