По социјалните мрежи кружи фотографија од повредениот Раде Трајковски – Штекли на која и покрај видливите преврски во пределот на градниот кош и здобиените повреди тој позира насмеан. Фотографијата е направена во болничкиот кревет каде Штекли заврши по неодамнешниот втор обид за негова ликвидација.
Една недела по пукањето во трговскиот центар Ист гејт во кое освен Раде повреден беше и неговиот пријател викан Колумбо, вчера во близина на Сарај е најдено запалено возило. Се уште нема официјална потврда дали истото е поврзано со обидот за ликвидација на Штекли и лицето кое го придружуваше.
Неофицијалните информации се дека пукачот го напуштил местото каде пукаше со автомобил марка „ауди“, а дали запаленото возило е иста марка – не е познато.
Од Обвинителството и МВР засега без детали. Полицијата посочува дека истрагата ја води скопското Обвинителство, па упатуваат таму да се бараат сите информации. Од Обвинителството – никакви новини.
Досега, по сите ликвидации, возилата со кои лицата се превезуваа беа запалени. Таков беше примерот и со лицата кои пукаа во „Шиша бар“, чие возило беше пронајдено запалено во Бутел.
Возилото со кое пукачот од минатата недела го напушти трговскиот, инаку било без регистарски ознаки, а делумно му се знае и траекторијата на движење.
Штекли кој заедно со негов помлад соработник во вторникот беа тешко ранети во пукање што се случи среде бел ден во трговскиот центар „Ист гејт“ е маркирана и осудена жртва од шефовите на криминалните кланови, анализираше за „Фокус“ поранешниот помошник директор за криминалистички работи во БЈБ при МВР, Љубомир Ѓурчески.
Тој е убеден дека ќе има нов напад врз него до целосна ликвидација.
–Кога станува збор за пресметките во организираните криминални кругови, а особено кога постојат индиции дека станува збор за нарачано убиство тогаш извршителите применуваат разно-разни средства за нивно прикривање. Но, факт е дека извршителите односно најмените ликвидатори во основа се дрски, насилни и не респектираат никакви законски прописи кои владеат во некоја држава.
Исто така, не бираат место каде ќе го остварат делото во смисла на фреквенција на луѓе и можноста од недолжни жртви. За нив е битно да се оствари зададената цел. Таков е и односот на овој сторител. Сега провејуваат сознанија дека идентитетот на извршителот е утврден што се уште не е потврдено од полицијата и јавното обвинителство, објаснува Ѓурчески.
ВТОР ОБИД ЗА ЛИКВИДАЦИЈА
Штекли успева да спаси глава по втор пат, и тоа откако на истото место, во трговскиот центар Ист Гејт, беше пукано во него и во август. Тогаш помина без повреди благодарение на блиндираното возило и тоа што нападот се случи во гаражите на објектот. Вториот пат немаше толку среќа и пораката од македонското подземје ја прими во форма на два куршуми, кои не беа фатални.
Инаку, заканата за неговата ликвидација е најавена и јавно на социјалната мрежа ТикТок, каде беше објавена негова фотографија со заканувачка порака.