вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Распишан конкурс за проектот на ЕУ „Културата ја движи Европа“

Распишан конкурс за проектот на ЕУ „Културата ја движи Европа“

Најголемиот проект за културна мобилност на ЕУ, наречен „Културата ја движи Европа“, распиша конкурс наменет за уметници и културни работници на возраст од најмалку 18 години, кои имаат регулиран легален престој во една земјите вклучени во програмата „Креативна Европа“, меѓу кои е и Македонија, и се активни во секторите сценска или визуелна уметност, музика, културно наследство, архитектура, дизајн и моден дизајн и литература. Конкурсот е отворен до 31 мај 2024 година.

Учесниците на конкурсот можат да аплицираат за грантови за мобилност за покривање на нивните патни и дневни трошоци како дополнителна финансиска поддршка за промоција на поразновидно учество на луѓето кои се соочуваат со пречки во слободното движење преку граници.

ЕУ посебно ги охрабрува уметниците со попреченост да аплицираат на конкурсот, бидејќи „Културата ја движи Европа“ им нуди посебна поддршка за покривање на дополнителните трошоци што може да произлезат како резултат на нивната попреченост, со цел да им се овозможи учество во проекти во странство.

– „Културата ја движи Европа“ ја поддржува мобилноста на сите уметници, вклучително и оние со попреченост, помагајќи им да ги надминат пречките за градење на нивните кариери во странство. „Културата ја движи Европа“ ја има улогата на двигател на културната промена, изјави еврокомесарката за иновации, истражување, култура, образование и млади, Илијана Иванова.

Од неговото лансирање пред една година, преку проектот „Културата ја движи Европа“ досега финансиска поддршка добија над 1.800 уметници кои за реализација на своите културни проекти соработуваат со нивни партнери од друга земја вклучена во програмата „Креативна Европа“.

Право на учество имаат и оние кандидати кои биле одбиени на претходниот конкурс.

Во програмата „Креативна Европа“ се вклучени сите 27 членки на ЕУ, шесте земји од Западен Балкан, како и Грузија, Ерменија, Исланд, Лихтенштајн, Норвешка, Тунис, Турција и Украина.  (МИА)

 

Најнови вести