сабота, 18. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Ресетирање на државата

Ресетирање на државата

Со оглед на тоа што појавата на Корона вирусот немилосрдно удри врз здравјето на граѓаните, имаме можност да ги видиме последиците на не функционалноста на државата во случај на пандемија. Ова може да биде само еден индикатор за тоа колку државата не е во состојба организирано, со знаење и користење на ресурсите, односно системски да реагира во справувањето со ризици и закани врз безбедноста на граѓаните и државата. Без разлика дали се работи за здравствен ризик како во овој случај, природна катастрофа од поголеми размери, техничко-технолошки хазард, хемиски акцидент или воена состојба и изложеност на државата на воен напад или терористички напад од поголеми размери врз критичната инфраструктура, видливо е дека системот не функционира.

Не функционирањето на системот не е природна појава или последица на настанатата состојба и загуби во персонал или опрема, тоа е последица на триесет години наназад девастирање на целиот државен систем.

Излегувајќи од поранешната СФРЈ, Македонија по автоматизам наследи уреден здравствен, образовен, одбранбено-безбедносен систем и под систем за заштита и спасување, односно цивилна одбрана и цивилна заштита. Потоа на секој можен начин, а најповеќе преку поставување на партиски несоодветни необразовани и корумпирани кадри се уриваше системот, наместо истиот да се засилуваше и трансформираше согласно техничко-технолошките достигнувања на современието.

Така и дојдовме до оваа состојба која самите ја создававме цели триесет години и сега имаме на прво место загрозување на здравјето и животот на граѓаните, а во пракса преземаме ad hoc мерки, а ваквите мерки не носат брзи и солидни резултати, но предизвикуваат дополнителни финансиски издатоци и трошење на ресурсите. Како и да е сега го имаме на дело тоа што го инсталиравме изминативе триесет години и ќе треба да се справиме со настанатата состојба прифаќајќи ја штетата која ќе настане во сите аспекти и на сите нивоа.

Крајниот резултат, како искуство со кое ќе се здобиеме од оваа состојба треба да биде ресетирање на државата, а за тоа имаме шанса единствено доколку се вратиме на почетокот и го воспоставиме системот на нови и здрави основи. Во тој контекст имам неколку конкретни предлози и прашања до политичките (квази)авторитети кои глумат дека ја водат државата.

Дали Заев има намера да престане да не лаже и во вака сериозна состојба, особено во однос на економските и финансиски прашања? Може ли министерот за финансии Ангеловска да ни каже отворено во каква состојба е буџетот на државата и финансиските резерви? Може ли некој воопшто да ни каже колку државата е задолжена? Има ли одговор за тоа со колкави државни стокови резерви располага Македонија? Ќе се престане ли со половични и инфантилни мерки кој не носат решение на состојбата? Дали мислите дека суспендирањето на Уставот и законите и ограничувањето на слободата на движење на граѓаните е решение кое нема најава до кога ќе трае? Дали воопшто имате некаква стратегија, национална стратегија за опстанок и преживување на нацијата (тука влегуваат сите граѓани на Македонија), при појава на ризици и закани? Каде се шарените револуционери, Павле, Ивана, пленумците и цела една камарила на невладини, сега да се борат за човекови права и да апелираат и на дело покажат општествена одговорност или знаење за конкретно делување во кризна состојба?

Но, пред воопшто да се охрабрите отворено да им одговорите на граѓаните би сакал да направам еден осврт кон едно многу по важно прашање. Имено, во состојба на пандемија (може да кажеме поедноставено „светска биолошка војна“), многу е видливо дека секоја од државите се грижи првенствено за себе и за заштита на сопственото население. Доколку знаеме дека главниот, основниот стратешки пристап на секоја држава е да го зачува биолошкиот минимум за опстанок на населението за да може нацијата да функционира, а потоа да го сочува и суверенитетот на територијата, за да има на која територија да функционира нацијата, тогаш е многу јасно дека за да се реализира оваа основна стратешка цел мора да се потпреме на сопствените сили, средства и знаење, на сопствените капацитети во прв ред, па дури потоа на секоја добронамерна помош.

Поаѓајќи од оваа премиса, јасно е дека ниту Белград, ниту Софија, ниту Тирана или Приштина, ниту Атина ќе се грижат за нас повеќе одколку ние самите. Затоа се надевам дека сите оние кои се убиваа и се убиваат и сечат вени на социјалните мрежи и во политичките настапи во изливи на љубов и глорификација на некои од соседните центри на моќ, успеаа да согледаат дека во оваа состојба (или која и да е слична во иднина) помош може да добијат единствено од Скопје. Единствено нашата сопствена држава ќе ни помогне да преживееме во овие времиња. Сега не е важно дали сме Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми, Бошњаци или незнам кој, важно е да разбереме дека сме граѓани на Република Македонија и со тоа ние сите сме Македонци.

Историски гледано, Македонија како Швајцарија на Балканите сега во услови на криза ги освестува своите граѓани за нејзината вредност како наша држава.

Впрочем, знаете ли зошто Швајцарија е тоа што е денес и во последниве 200 години? Затоа што Швајцарците без разлика дали се Италијани, Французи, Германци и Ретороманци уште пред два века разбрале дека нивниот опстанок како нација (Швајцарска нација) без разлика на етничката припадност зависи единствено од нив самите односно од добрата организација на нивната држава Швајцарија. Помошта и заштитата на нивното здравје, имот, бизнис, финансии, економија и на крајот од се, на нивните животи ќе дојдат од Берн, а не од Париз, Рим, Берлин или Виена.

Погледнете што се случува во рамките на Европската унија. На дело е токму Европа на нациите, а не либералната Европа. Во пракса секоја држава членка на ЕУ се справува со пандемијата во рамките на своите граници (затворајќи ги истите за влез и излез) и се потпира врз сопствениот здравствен систем и кризен менаџмент со сопствени ресурси кои го примаат првиот и најголем удар на пандемијата.

Токму затоа и нашата сигурност во секој поглед зависи од нашата држава и нејзината организираност и способност системски да се спротивстави  на сите можни ризици и закани и да го заштити своето население. Заштитата на населението, на животот на нацијата е во пракса кризен менаџмент со проценка на ризиците и заканите, а тоа е дел од одбранбениот систем неговата организација и начин на активирање. Тоа не е збир на собрани испишани законски одредби или несмасно прогласени вонредни состојби и донесени уредби со законска сила во кои СДС ужива изживувајќи се врз сопствените граѓани. Секој одбранбен систем се потпира врз искуство, знаење, технологија, опременост и обученост на населението за одбрана и заштита од секаков вид загрозување, а како долготраен систем граден со генерации и внимателно следење на современите и идните закани. Во оваа ера очигледно најголемо загрозување ќе бидат специјалните војни кои преминуваат во биолошки војни.

Дали ни е потребен поголем доказ дека имаме насушна потреба да ја ресетираме Македонија и да воспоставиме функционален систем за разлика од овој кој го имаме пред очи и кој го живееме? Очигледна е потребата дека треба да расчистиме со лажговците и политичките профитери и манипуланти, да расчистиме со повторувачите, плагијаторите со купени дипломи, некадарните кадри и слепи кариеристи послушници и извршители во институциите, како и со оние кои во име на „правична застапеност“ не одат на работа, а примаат државна плата, од неспособните партиски кадри кои полни со незнаење неможат да се организираат за активирање и организирање на било какви успешни мерки за справување со епидемијата, да се ослободиме од стегите на незнаењето и профитерскиот себичен менталитет. Потребно е да се реорганизираме, да ја возобновиме етичноста и хуманизмот на дело не во празните политички флоскули на политичките измамници, да ја ресетираме државата, да се потпреме на вистинските традиционални вредности, на самите себе, на сите нас како на рамноправни граѓани на Македонија на кои оваа држава им припаѓа и која е единствен наш вистински дом. Да се свртиме кон себе си, кон нашата Македонија која за да може да функционира и да ни врати, да не заштити, мора да ја ресетираме и да ја направиме вистинска Швајцарија на Балканите (тука не мислам на нејзина кантонизација, федерализација или било каква промена на уставното уредување).

Воспоставувањето на уредена држава со системски решенија која ќе се потпира на знаење, наука и развој во сите полиња е приоритет на сите нас за Македонија како Швајцарија на Балканите да ја воскресне максимата „Македонија на Македонците“ (при тоа под Македонци ги подразбирам сите граѓани на Македонија без разлика на етничката припадност).

 

Во четвртата недела од Великиот пост (недела на Св.Јован Лествичник)

 

Вонреден професор д-р Оливер Андонов

 

Најнови вести