За неколку дена се очекува да бидат готови резултатите од ДНК анализата, за со сигурност да се идентификуваат жртвите од несреќата на автопатот „Струма“ во Бугарија, изјави директорот на бугарската Национална истражна служба Борислав Сарафов, нагласувајќи дека заедно со македонските колеги го прецизирале начинот на кој ќе се работи истрагата за несреќата.
На местото на несреќата, Сарафов и портпаролката на јавниот обвинител Шијка Милева разговарале со Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески и со шефицата на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција Вилма Русковска.
– Бугарија очекува Република Северна Македонија да испрати биолошки материјал од роднините на загинатите во опожарениот автобус на автопатот Струма за да се завршат работите на ДНК тестовите, изјави Сарафов.
Тој посочи дека во тек се распити на жртвите и очевидците, но дека сè уште не е јасно што ја предизвикало експлозијата.
Останатите три автобуси, појасни Сарафов, се движеле 15-20 минути пред тој што се запали, како и дека во него имало и втор возач, но не е јасно дали е меѓу преживеаните.
Автобусот бил релативно нов, околу три години и претстои сложено форензичко и техничко вештачење.