СДСМ продолжува со уценувачката и „земи или остави“ погубна стратегија кон тутунопроизводителите.
СДСМ повторно се изживува со маката и потта на тутунарите, но и дрско го злоупотребува и потценува нивниот труд. Токму СДСМ и Зоран Заев ветуваа и сеуште ветуваат висока, сигурна и загарантирана цена на откуп на тутунот, но повторно по којзнае кој пат, бесрамно лажат и си поигруваат со тутунарите.
Оттука, сакаме да ја информираме јавнста дека токму поради тоталната негрижа и неспособност на Владата предводена од СДСМ и катастрофалната состојба со откупот на тутунот, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денес поднесе Информација до Собранието на Репблика Македонија со цел подетално запознавање на јавноста и решавање на овој проблем со кои се соочуваат тутунарите.
Имено, состојбата со откупот на тутунот во моментов е крајно драматична и срамна. Откупот е во хаос, а тутунарите се принудени да го даваат својот тутун за рекордно најниската откупна цена по 2005тата година. Повторувам, откупната цена во моментов буквално е најниската цена за откуп на тутун во последните 15 години. Срамно, жално и безобразно.
Исто така, наместо навремен и регулиран пазар, постои безредие, наместо добар почеток на предоткупот се соочуваме со слаба динамика во превземањето на производството, наместо исполнување на ветувањата дадени лично од Зоран Заев, повторно лаги и непочитување на договореното на одржаните состаноци. Наместо достоинствена откупна цена сеуште имаме неприфатливо ниска просечна откупна цена со што и понатаму се потценува трудот на тутунарите и се гази врз нивното достоинство.
Очигледно, овој процес е во безизлезна ситуација, во кој власта на СДСМ освен безброј јалови состаноци и притисок врз тутунарите, не превзема апсолутно ништо со што би се стабилизирал откупот, би се добило чесна и реална проценка на квалитетот на производството, но и најважното, би се достигнала задоволителната откупна цена до 200 денари за килограм тутун, која впрочем е барање на самите тутунари.
Дополнителен проблем е тоа што илјадници семејства и тутунари кои живеат од ова производство, немаат каде да го продадат својот тутун затоа што има над 3 илјади тони тутун за кој немаат склучено договори како резултат на неорганизираноста на власта.
Очигледно, арогантноста, негрижата и неспособноста на власта се главниот проблем, а не решението за маките на македонските тутунопроизводители.
Тутунарите се соочуваат со егзистенционален проблем, а власта мува не ја лази.
Власта не нуди никакви конкретни решенија, туку само привидно и површно покажува дека нешто работи и сака да помогне. Власта само одолговлекува, уценува и се изживува со вредните раце на тутунарите.
Токму затоа, како одговорни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои овде во Собранието претставуваат и застапуваат речиси половина милион граѓани, загрижени за оваа тешка состојба во која што се наоѓаат тутунарите, пред да биде предоцна, пред тутунот да скапе или да се уништи, но и пред тутунарите да останат без своите тешко и со пот заработени пари, јасно и гласно бараме и предлагаме итна владина седница на која што ќе бидат усвоени следните мерки со цел конечно да се стави крај на маките на тутунарите:
1. Зголемување на субвенцијата за тутун за 100%, односно од сегашните 60, 70 и 80 денари за килограм откупен тутун субвенцијата да биде 120 денари за трета и четврта класа, 140 за втора и 160 денари за прва класа, со што ќе се надомести разликата во цената. Пари за оваа мерка има доволно доколку се скрати во Буџетот од непродуктивните трошења и луксузи.
2. Државата, односно Владата да интервенира со обезбедување на дополнителни финансиски средства потребни за откуп на произведената количина тутун, останат без Договори, да ги насочи кон Тутунскиот Комбинат-Прилеп, кој ќе биде задолжен да го реализира откупот на недоговореното производство на ориентален тутун, до последен лист.
3. Во итна постапка да се изврши Измена на Законот за тутун и тутунски производи, со која ќе се врати старото законско решение, односно ќе се забрани увоз на тутун за домашните преработувачки капацитети, со единствена цел да се преработува ориентален тутун од домашно производство.
4. Ревидирање на мострите на ориентален тутун, во соработка со овластени и стручни претставници на тутнопроизводителите, откупувачите и МЗШВ, со што би се олеснила линијата на провенка на квалитетот на произведениот тутун и би се зголемила висината на просечната откупна цена.
5. Инспекторите од Државниот земјоделски инспекторат секојдневно да бидат распоредени на откупните места за да го контролираат процесот и текот на откупот, заедно со поверенициѕе кои се поставени во заштита на интересите на тутунопроизводителите.
Колку за потсетување, Владата согласно Законот за земјоделство и рурален развој, нагласувам, има обврска во случај на пореметување на пазарните односи и разлика во висина на откупната и производната цена, директно да интервенира во стабилизирање на пазарот. Владата мора, повторувам, мора по секоја цена да го штити домашното производство и мора да го штити интересот на тутунопроизводителот, а не интересот на одредени бизнис групации. За ова, Владата е обврзана со Закон и мора така и да делува.
Од тие причини, поради итноста, сериозноста и сложеноста на состојбата, апелираме до власта да ги почитува законите и да има слух и разбирање за овој проблем на тутунарите и очекуваме и бараме оваа Информација да се најде на првата наредна седница согласно членот 69 став 3 од Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија.
Доколку Владата предводена од Зоран Заев и СДСМ има искрена намера и сака да помогне на тутунарите да си ги добијат заслужените пари и конечно нивната мака и труд еднаш засекогаш да престанат да бидат погазувани и потценувани, таа мора веднаш и сега, без никакво одлагање, да ги усвои овие предлог мерки. Во спротивно тие уште еднаш ќе покажат и докажат дека се влада само на одреден привилегиран круг на бизнисмени и лица блиски до власта, која работи на штета и против интересите на тутунарите и на сите граѓани на Република Македонија во целост.
На крајот, како пратеник на ВМРО-ДПМНЕ кој доаѓа од Прилеп Ве уверувам дека Прилеп, прилепско и прилепчани ова понижување и газење врз трудот и маката на прилепскиот тутунопроизводител и македонскиот земјоделец од страна на СДСМ и Зоран Заев нема никогаш да го заборават и да го простат и на следните избори силно ќе го казнат.