Во дебата на „360 Степени“, која се емитува на „Алсат – М“, Љупчо Ристовски од Институт „Интегра“, зборуваше за впечатоците по една година од новата влада и нејзиниот најголем фокус на решавање на прашањето за името.
Ристовски рече дека Владата не доби мандат само за едно прашање, туку за да го подобри животот на граѓаните и да ги реши отворените прашања.
– Страотно погубна е тезата да очекуваме дека овој народ ќе го биде или не ако влезе во НАТО или почне преговори со ЕУ. Ако Израел така размислуваше, ние ќе бевме во неврат уште многу одамна. Не е нож под грло. Не смееме да го плашиме народот, дека ако не влеземе во НАТО сега во јуни, или ако не почнеме преговори со ЕУ, готово е, нема да не биде. Не е точно. Има безброј латерални решенија, ако малку само размислат, или се советуваат со мудри луѓе, ќе ги најдат тие решенија. Не можеме ние по цена на скршен дух на македонската нација, по цена на скршено достоинство на македонските индивидуи и граѓани кои се чувстуваат етнички Македонци, да влеземе во НАТО и во ЕУ. Па така ќе направиме поголема штета отколку било што. Ние сме опстоиле во турско 500 години, не газеле, не палеле, не уништувале, па сме опстоиле и сме се задржале такви какви што сме. 100 години српско не владеело, не газела српска чизма, па сме имале трауми. Значи, ние ќе опстоиме. Не е прашањето дали ќе не биде или не. Ние покажавме виталност и како држава, и како нација и како граѓани на оваа територија уште во 2001 година, после конфликтот, умеевме да направиме клучни компромиси, ние правиме и сега клучни компромиси. Нема да јадеме подобро и поквалитетно ако влеземе во НАТО или ако почнеме преговори со ЕУ. Јас сум прв за, тоа е нашиот единствен пат, да не ме разберете погрешно. НАТО и ЕУ се патеката на Македонија, но ако имаме сериозни пречки на тој пат, не можеме ние да го кршиме достоинството и духот на нацијата. Па тоа да се случуваше на нашите сограѓани Албанци, зар ние Македонците ќе го дозволевме тоа, рече Ристовски и потенцираше дека правдата е на наша страна.