Јелдз Веапоска од Дебар, медицинска сестра од итната помош, преживува вистинска голгота откако се породила во болницата во Струга со царски рез, но од операцијата излегла без матка, бубрег и без еден јајник.
За оваа состојба во која се наоѓа таа, а за која вели дека ни на куче не му се прави, бара Лекарската комора на Македонија да му ја одземе лиценцата на директорот на струшката болница и гинеколог што ја оперирал, д-р Мухамед Асани.
Доктор Асани, пак, вчера за „Слободен печат“ изјави дека операцијата ја извршил совесно.
– Имам цела документација од матичен лекар дека никогаш немам боледувано од бубрег, дека никогаш не сум имала проблеми со песок или камења. Тетка ми е сведок дека ни побараа мито кога се породив. Ме имаа пуштено за Скопје речиси умрена. Ова е сигурно лекарска грешка и нема како да се покрие – раскажува Веапоска за „Слободен печат“.