сабота, 11. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

СДСМ е за одвоени избори, но отворена е за разговор – За ВМРО-ДПМНЕ прифатливи се двојни избори на 8 мај

СДСМ е за одвоени избори, но отворена е за разговор – За ВМРО-ДПМНЕ прифатливи се двојни избори на 8 мај

Останува отворено прашањето дали претседателските и парламентарните избори ќе се одржат одвоено или парламентарните избори ќе бидат истовремено со вториот круг на претседателските избори. Владејачката СДСМ смета дека двата изборни циклуса треба да бидат одвоени, но отворена е за разговор околу термините, додека за опозициската ВМРО-ДПМНЕ прифатливо е истовремено одржување на изборите, а како можен термин го предлагаат 8 мај. Од Собранието, пак, се уште нема информација кога би се одржала средба на работните групи кои би разговарале за изборните термини и останатите активности поврзани со изборите.

Потпретседателот на СДСМ и вицепремиер за европски прашања Фатмир Битиќи вчера во телевизиско гостување рече дека претседателските и парламентарните избори треба да бидат одвоени, но дека за доброто на земјата може да се разговара за термините.

Сите партии што се отворени, како што рече, може да се обединат или во заеднички листи или во заеднички дух за подобра, европска иднина на државата.

-Во минатото докажавме дека имаме широк коалициски капацитет и со различни партии. И последните парламентарни избори во 2020 година беа во таков дух. Сега го нарекуваме европски фронт. Сите партии што се отворени можат да се обединат или во заеднички листи или во заеднички дух за подобра, европска иднина на државата, истакна Битиќи.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера изјави дека за нив 8 мај е прифатлив како можен термин за одржување на парламентарните избори и на вториот круг од претседателските избори, потсетувајќи дека и во минатото имало таква пракса.

-Така беше на последните избори 15 јули 2020 година. Затоа велиме дека 8 мај е повторно можен термин кога би се случил вториот круг претседателски заедно со парламентарните. Би имало 72 часа за рокови за жалби, за одлуки и да се фати рокот од 12 мај да може новиот претседател да биде веќе инаугуриран, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања при вчерашната посета на Гевгелија.

Повика на консензус од сите политички фактори за датумот и времето на одржување на изборите.

– Уставот е јасен, дека мандатот на актуелниот пратенички состав важи до изборот на нов, но не повеќе од четири години. Имајќи предвид дека 4 август 2020 година е формиран Парламентот и од тогаш почнува да важи мандатот на актуелниот пратенички состав, значи дека ние на 3 август мора да имаме нов пратенички состав, рече Мицкоски.

Според потпретседателот на ДУИ и актуелен министер за надворешни работи Бујар Османи, датумот за одржување на претседателските и парламентарните избори ќе биде производ на дијалогот меѓу политичките партии, на кој треба да се гледа во контекст на уставната реформа, а не од аспект на партиските интереси.

– ДУИ е најмалку загрижена во однос на термините како можност да се помогне позицијата на партијата бидејќи во кое било време нашата позиција е добра. Мислам дека тоа треба да го гледаме во контекст на уставната реформа отколку во контекст на тоа како политичките партии ќе имаат интерес за кој било датум, рече Османи.

И од албанскиот опозициски блок се согласни што поскоро да се формираат работните групи и да се организираат изборите. Ги поздравуваат иницијативите за организирање на фер и коректни избори.

-Ние сме подготвени уште утре да се почне постапката на иницирање и организирање на изборите. Учествуваме на тие работни групи и како политички субјект бараме што поскоро да се организираат избори, рече Фари Исени од Демократското движење.

Претходно, и претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари предложи претседателските и парламентарните избори да се одржат на ист датум.

Најнови вести