Во селото Мокриево, во општина Ново Село, се одржаа традиционалните „Странчинарски игри“. Почетокот беше означен со палењето на големите маалски огнови, кои го симболизираат новото сонце што треба да изгрее и да ги осветлува луѓето во новата година.
На местото каде што се палат огновите доаѓаат и странчинарите. Тие со тропањето на нивните ѕвонци и страшните маски треба да ги истераат лошите сили, а потоа тргнуваат во меѓусебна борба со таканаречените кал’чки за поделба на селото, по што почнуваат со просење по куќите.
Древниот обичај налагал да ја посетат секоја куќа, а собраните подароци и храна ги делеле на сиромашните. Во денешно време сета храна што странчинарите ја собираат низ селото на крај се собира на едно место и од неа се подготвува голема гозба со качамак и колбаси за сите учесници и присутни гости.
На годинашниве игри учествуваат карневалски групи од Петрич (Бугарија), од селото Ратево (Берово) и локални групи. Тие денес продефилираа во центарот на селото.