Поради средбата која премиерот Зоран Заев ја има со претседателот на Беса Биљал Касами, седницата на Собранието за промена на уставното име, која беше закажана за денеска во 12 часот, се одлага за во 15 часот, дознава Лидер од извори од кабинетот на пермиерот.
Заев вчера изјави дека се уште се во разговори со Беса на Биљал Касами за изнаоѓање техничка формулација во однос на државјанството со цел обезбедување на потребните 80 пратеници за донесување на уставните амандмани.
-Беса е принципиелно поставена за ова прашање, како што се и осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, и се „први кои се за заштита на македонскиот идентитет“. Суштината на Беса е преку формулацијата на македонско /граѓанин на РСМ да не се остави впечаток дека Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите и сите други во државата ќе бидат македонски. Тоа е суштината. Се изнаоѓаат техничките аспекти за решавање. Секако државјанството е македонско и така и ќе остане. За тоа нема дилема. Беса не бара да се смени идентитетот или слично. Будното око на осумте пратеници токму тоа го прави како и ние и останатите пратеници. Работиме да се изнајде решение за техничките формулации како државјанството за сите да биде македонско/граѓани на Република Северна Македонија, а сепак, Албанците и другите етнички заедници да не бидат Македонци – рече Заев на прес-конференцијата по промоцијата на овластен економски оператор.