Во Собранието на Република Македонија денеска седници ќе одржат комисиите за здравство, за финансирање и буџет, за одбрана и безбедност, за прашања на изборите и именувањата и Законодавно-правната комисија.
Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување во прво читање е единствена точка на дневен ред на Комисијата за здравство.
Комисијата за одбрана и безбедност треба да расправа за предлог-одлуките за испраќање припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција „Одлучна поддршка“ во Авганистан и за испраќање припадници на АРМ за учество во мировната операција на Организацијата на Обединетите Нации „УНИФИЛ“ во Република Либан.
Комисијата за финансирање и буџет ќе ги разгледа предложените измени на Законот за данокот на додадена вредност, измените и дополнувањата на законите за супервизија на осигурувањето, за финансиската полиција, за игрите на среќа, во прво читање.
Меѓу точките на дневниот ред се и измените на Законот за задолжување на Република Македонија кај Банката за развој при Советот на Европа по Рамковниот договор за заем за финансирање на Проектот за изградба и модернизација на Клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје и Регионалната клиничка болница во Штип, во прво читање.
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата ќе одржи седница на која треба да биде предложен избор на директори на неколку институции и членови на комисии, меѓу кои и на Оперативно-техничката агенција – ОТА и главен државен ревизор.
Законодавно-правната комисија ќе ги разгледа сите законски решенија кои се на дневен ред на овие собраниски комисии.
(Миа)