Во Собранието на Република Македонија за денеска се закажани седници на пет комисии.
Членовите на собраниската Комисија за одбрана и безбедност треба да го разгледуваат Предлог-законот за изменување на Законот за јавните собири, во прво читање.
Предлог-законот за огласување ништовност и поништување на правни акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација, во прво читање, е единствена точка на дневен ред на 102. седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.
Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство треба да го разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните, во прво читање.
Членовите на собраниската Комисија за здравство ќе расправаат за Предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, во прво читање.
Комисијата за транспорт, врски и екологија ќе расправа за предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори, на Законот за заштита на природата, на Законот за заштита од бучава во животната средина, на Законот за управување со пакување и отпад од пакување, на Законот за водите, на Законот за генетски модифицирани организми, на Законот за контрола на емисии од испарливи органски соединенија при користење на бензини, на Законот за железничкиот систем, на Законот за интероперабилност во железничкиот систем, сите во прво читање. На дневен ред е и Предлог – законот за изменување на Законот за жичари и ски-лифтови, во прво читање.