Во законодавниот дом денеска ќе заседаваат Буџетскиот совет и шест собраниски комисии.
Буџетскиот совет на Собранието треба да расправа за Предлог-одлуката за утврдување на вредноста на бодот за пресметување на платите на собраниските службеници за 2021 година. На дневен ред е и Предлог-одлуката за начинот на утврдување на платите на вработените во Службата на Собранието кои вршат помошно-технички работи и немаат статус на административни службеници.
Спроведувањето на Кодексот за етичко однесување на пратениците во Собранието и препораките на ГРЕКО во однос на Упатството за примена на Кодексот, се на дневен ред на Комисијата за деловнички и манадтно-имунитетни прашања.
Членовите на Комсијата за одбрана и безбедност треба да расправаат за предлозите за изменување на законите за оружје, за прекршоците против јавниот ред и за безбедноста на сообраќајот на патиштата.
Комисијата за финансирање и буџет ќе го разгледува Предлог законот за дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, по скратена постапка, предложен од група пратеници.
Комисијата за транспорт, врски и екологија ќе расправа за Финансискиот план за изменување на Финансискиот план на ЈРП Македонска Радио Телевизија за 2020 година, за Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешната пловидба и за предлог измените на Законот за јавна чистота.
На дневен ред на Комисијата за економски прашања, пак, се Предлог финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на за 2021 година и Предлог-одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход, за финансирање на нејзиното работење.
Во Собранието за денеска се закажани и две седници на Законодавно-правната комисија на кои треба да бидат разгледани десеттина предлози за изменување и доплнувања на закони.