Седми ден беснее пожарот на Галичица кој најпрвин изби од албанската страна на планината. Од синоќа огнот почна да се приближува и до шумскиот предел на македонска страна, а пламените јазици доцна во ноќта се гледаа како надвиснуваат над селото Љубаништа.
Според информациите на ЦУК на Галичица досега гори сува трева и нискостеблеста вегетација но состојбата моментално е премината во критична фаза. Пожарот е на непристапен терен каде има неексплодирани убојни средства од Балканските и Првата светска војна што го оневозможуваат процесот на гаснење и посериозна интервенција на надлежните служби велат од ЦУК.Само во текот на вчерашниот ден се слушнале три експлозии.
На терен се ренџерските екипи од Националниот парк и граничната полиција, а повеќе информации за состојбата со пожарот се најавуваат за подоцна.