Ако во рок од 30 дена Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во скопски Чаир не го промени начинот на греење ќе биде затворена, најави денеска градоначалникот Петре Шилегов.
Тој кажа дека досега Инпекторатот на Град Скопје два пати направил контроли во болницата и било констатирано дека со начинот на греење се загадува воздухот.
Гинекологија Чаир се грее на мазут и затоа изминативе денови во јавноста се појавија видеа со црн чад од оџакот на болницата.
-Инспекторатот до сега два пати има интервенирано во Гинекологија Чаир. Денеска повторно е упатен инспекторот како последна опомена до болницата и до Министерството за здравство да си го променат котелот. Доколку не постапат на тој начин, болницата ќе биде затворена од страна на Градот. Не сакаме да предизвикаме некаква криза, меѓутоа мора конечно секој да си одговори на сопствените обврски. Ако тој котел загадува, а загадува бидејќи два пати е веќе констатирано, мора да се интервенира. Дописот денеска покрај до директорот на болницата ќе го испратиме и до министерот за здравство Венко Филипче. Очекувам дека во рокот од 30 дена ќе реагираат, рече Шилегов.