вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Штипскиот студентски дом има 236 слободни места

Штипскиот студентски дом има 236 слободни места

Во државниот дом „Браќа Миладиновци“ во Штип има места за сместување на 236 студенти, а 112 места има и во два приватни домови во Штип.

– Ние како студентски дом „Браќа Миладиновци“ располагаме со 236 легла, од кои 20 проценти, или некаде околу 44 легла се предвидени за бруцоши и тие ќе бидат пополнети некаде во месец септември. Останатите очекуваме дека ќе бидат пополнети во овој Конкурс, вели Јордан Насев, директор на студентскиот дом ,,Браќа Миладиновци”- Штип.

Тој очекува до септември да биде завршена и реконструкцијата на внатрешниот дел во студентскиот дом и студентите да бидат пречекани во нови услови.

– Ние сме влезени во реконструкција на студентските домови кои што се координирано преку проектна единица преку МОН. Се работи за три лота, ние сме ставени во вториот, а првиот уште не е започнат. Во моментот вршиме реконструкција со сопствени средства, односно околу еден милион денари имаме одвоено од сопствениот буџет и во моментот се врши внатрешна реконструкција на собите, додава Насев.

Студентите кои се пријавуваат на Конкурсот треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација.

Документите се прикачуваат електронски, почнувајќи од 17 до 31 јули 2023 година, а студентите од прва година документите ги прикачуваат почнувајќи од 1 до 11 септември 2023.

Конечниот список за прием на студентите од втора и повисоките години ќе биде објавен на 5 септември 2023, а за студенти од прва година на 30 септември 2023.

Најнови вести