Штипските текстилни и кожарски фабрики денеска ја почитуваа забраната за работа во погоните, покажа увидот на инспекторите, активистите од НВО „Гласен Текстилец“ и на Општинскиот кризен штаб.
Во фабриката „Албатрос“ денеска брисеви им беа земени на околу 200 работници. Тие беа донесени со автобуси во кругот на фабриката и веднаш вратени дома.
Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“ вели дека направила увид и обиколка во круговите на штипските конфекции и од она што можела да го види е дека за првпат во историјата на Штип конфекциите не работат за еден продолжен карантински викенд.
Таа информира дека со уредбата вчера во попладневните часови е опфатена и компанијата „Адиент“ во ТИРЗ зоната. Таму работниците работеле втора и трета смена, а рано утринава машините се изгаснати и вработените ќе одмараат до понеделник.
– Уредбата за забрана на работа на штипските текстилни и кожарски фабрики се почитува, за останатите компании од другите дејности оваа уредба не важи. Сите оние коишто ќе ја прекршат уредбата ќе се соочат со санкции и кривична одговорност, вели Ампева.
Епидемиолозите од Центарот за јавно здравје во Штип тестирањето ќе го продолжат утре во друга конфекција, каде што ќе се тестираат уште 230 работници.