Почитувани читатели, моите, а се надевам и вашите предци, имаа една изрека „со страв се живее, ама со срам не“. Стравот е индивидуален и зависи од човек до човек и е релативен, ама срамот е општ и ноторен и од него нема бегање, тој е апсолутен. За срамот што ни го направи македонската дипломатија има многу да се пишува, резилот што го трпиме тука, во Македонија, го голтаме секојдневно, но нелагодноста и непријатностите што ги прават надвор од нашата татковина засега нема како да ги спречиме, ова во својата колумна за Нова Македонија го пишува адвокатот Тони Менкиноски.
Еден настан за ваков срам, еден од повеќето што сум ги имал како очевидец, е во далечната 2005 година, на најголемата годишна конференција за човекови права во Европа, под покровителство на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), форум што секоја есен се одржува во Варшава. Одделот на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) во рок од пет работни дена од една страна ги поставува сите 57 амбасадори на земјите-членки, а од друга страна претставници на граѓанското општество и активисти за човекови права за да спроведат дијалог и непосредно да бидат информирани за тоа како државите ги почитуваат своите обврски за заштита на човековите права и основните слободи.
Да се присуствува и за да се земе збор пред 57 амбасадори постои голем интерес, но и голем протокол за елиминација и селекција на учесниците со строго утврдени правила. Но ние, петмина Македонци, успеавме да се запишеме на листата на говорници, и тоа отецот Никодим Царкњас (од С’бтско, Воденско), Павле Филипов Воскополус (од Лерин), Стојан Георгиев (од Петрич), Иринеуш Шлупчевски (од Варшава, син на дете бегалец) и јас.
Да, успеавме, влеговме во потесниот круг! Арно ама, по пристигнувањето во Варшава, сите до еден бевме избришани од листите на говорници и воопшто нѐ немаше на ниту еден список. Обврската да ги доставиме нашите иницијални говори пред почетокот на овој самит ги алармирала бугарската и грчката дипломатија да си ја завршат работата претходно, добро да се организираат за да нѐ спречат во нашата намера.
Дополнително имаа донесено цел ешалон дипломати, кои за време на паузите имаа софистицирана обврска да им пристапат на сите 55 дипломатски делегации и да им тврдат дека -„Македонци нема“. А македонскиот амбасадор го немаше никаде на хоризонтот да се појави, искрено и ние воопшто ниту го побаравме и ниту се заинтересираме за него.
Никогаш непоколебани во идејата што ја имаме, чекавме цел ден да нѐ повикаат, иако знаевме дека нѐ нема на официјалниот список. Изморени од стоење пред салата каде што се одржуваше настанот, вечерта само му ја пренесовме нашата загриженост на нашиот пријател, директорот на центарот „Симон Визентал“ (еврејска глобална организација за човекови права што ги истражува холокаустот и омразата во историски и современ контекст). И другиот ден би и се случи чудо! Ние бевме први на листата за презентирање, а наредните четири дена исто така бевме први со нашите излагања. Говорите што ги имавме предизвикавме огромен интерес за македонското прашање, вниманието беше огромно од страна на дипломатските претставници и медиумите, како во официјалниот дел така и во неофицијалната комуникација.
Македонското прашање стана приоритет (само по три месеци од овој настан, Европскиот суд за човекови права донесе сет пресуди против Грција и Бугарија), а за тоа сведочи и свечениот прием што се случи претпоследниот ден во организација на канадската амбасада, наречен „Македонска вечер“.
Конечно, на оваа „гозба“ се појави и неговата екселенција македонскиот амбасадор, кој запознавајќи се со мене, не можеше да поверува дека јас сум од Македонија!!! Пет пати ме праша и имав впечаток дека ќе ми побара пасош или друга исправа за да се осигури во вистинитоста на мојот одговор за мојот идентитет. Нејсе, откако добро ме изанализира, а опиен од опкружувањето што беше околу нас, со кое тешко му одеше интеракцијата, со пола уста ми предложи како Македонец наредниот ден да бидам гостин на вечера што ќе ја организирала македонската амбасада. Мојот одговор на ваквата покана беше дека јас не сум сам тука, дека има уште четворица Македонци, но тој молскавично ми одговори дека тие не биле Македонци (ни срам ни перде)! Од ваквиот одговор, мене ме фати срам, не знаев што да му одговорам, единствено позитивно беше што никој од присутните не нѐ разбра, зашто зборувавме на македонски. Му се заблагодарив, со изговор дека ако моите четворица пријатели не се Македонци, нема зошто јас да присуствувам на неговата покана. Тука завршивме! На Павле, Никодим, Стојан и Иринеш никогаш не им го пренесов ова, долго време живеам со оваа нелагодност, сега првпат по долги години го споделувам со вас.
Изговорот на македонската политичко-дипломатска „елита“ дека со бришење на членот во Уставот каде што беше предвидена грижата за македонските малцинства во соседството, не значи и апстиненција и непреземање дејства, напротив постои обврска во согласност со ратификувани мултилатерални договори и членство во мултилатерални организации на Македонија да биде активен и афирмативен учесник во овие процеси на заштита на основните човекови слободи и права.
Но да се вратиме на главното прашање што можеше да направи македонската дипломатија, а што не направи во случаите што беа изведени пред Европскиот суд за човекови права од страна на Македонците од Грција и од Бугарија!?
Во согласност со Европската конвенција за заштита на човекови права можеше да стори две работи, имено да поведе постапка држава против држава и да се вклучи како заинтересирана страна во индивидуалните предмети што Македонците ги имаа поведено пред судот.
Македонската дипломатија имаше алатка да ја оспорува легислативата или, пак, административната практика на Бугарија што причинила очигледна повреда на некое право, без притоа да мора да наведе конкретни примери за таквата повреда. Меѓудржавните случаи, во согласност со Европската конвенција за заштита на основните човекови права или нејзиниот член 33, се предвидени само за да се овозможи „дополнителна и објективна заштита на основните човекови права и слободи“. Освен претходното, слично како што е во случајот на индивидуалните жалби, така и во постапката по меѓудржавните жалби важи истата обврска за Судот, утврдена со членот 39 (став 1) од Конвенцијата, во согласност со која „тој, во која било фаза на постапката може да им се стави на располагање на страните инволвирани во еден случај заради обезбедување пријателско решение во поглед на предметното релевантно прашање, врз основа на почитување на човековите права дефинирани во Конвенцијата и протоколите кон неа“.
Во последниве десетина година, сепак, може да се забележи почеста практика на иницирање вакви случаи пред Европскиот суд за човекови права, од перспектива на нивните можни консеквенции, освен правично обесштетување, пресудите во овие случаи може да содржат и посебни декларации од самите држави-договорни страни инволвирани во конкретниот случај.
Во вториот случај на вклучување како заинтересирана страна во индивидуални случаи или, поточно, кон сите оние пресуди што Македонците од Бугарија ги добија пред судот, навистина ми е срам да пишувам дека македонската дипломатија никаде не се вклучи. Се скри како никаде да ја нема! Бугарија во случајот „Ратко“ веднаш го искористи ова свое право против Македонија.
Многу жално што не се искористија овие процеси што требаше да го забрзаат остварувањето на правата на Македонците и деморализирањето на Бугарија.
П.С. Сега веќе ништо не зависи од македонската дипломатија, следува финалната одлука на Комитетот на министри!
(Авторот е адвокат)